Судењето што го следеше амбасадорката заврши за половина час


Судењето во Кривичниот суд, кое вчера го следеше амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Брнс, почна и заврши за половина час. Брнс заедно со претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, во малата судница го следеше судењето за скопјанка обвинета за користење и продажба на дрога за да види како функционира новата опрема за аудиоснимање, која ја донираше амбасадата. За разлика од маратонските судења на предметите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство, кои се влечат по судовите со години и уште нема пресуда, ова судење, кое, за волја на вистината, беше само со еден обвинет, заврши брзо.

Со новата опрема за снимање судијата што го водеше предметот, Илија Трпков, немаше потреба да ѝ диктира на дактилографката во записник, туку судењето се снимаше на цеде. Скопјанката, која била зависник од хероин и во чиј дом полицијата нашла стотици шишенца метадон, хероин и дигитална вага за мерење, ја призна вината и се покаја. По кратко советување, судијата Трпков донесе пресуда и ја осуди на условна казна од две години, доколку во наредните пет години не стори кривично дело. Девојката на возраст од 37 години ќе треба да ги плати судските трошоци и да оди на лекување во соодветна институција.

Амбасадорката и претседателот не сакаа да одговараат на новинарските прашања надвор од темата, а на настанот не беше соопштено ни колку чини опремата што беше донирана. Амбасадорката Брнс беше презадоволна што оваа опрема ќе ги направи судските процени поефикасни и потранспарентни.

„Мислам дека ова ќе помогне во напорите да се зајакне владеењето на правото. Ваква опрема за снимање ги зголемува веродостојноста и транспарентноста, ја зголемува довербата на јавноста во институцијата. Ја зголемува ефикасноста на судиите и обвинителите, па можат да се фокусираат на тоа што го слушаат или зборуваат. Сега наместо да фаќаат белешки, ќе има снимка. Вложивме напор да ја поддржиме Северна Македонија и уште еднаш потврдувам дека и понатаму ќе ве поддржуваме“, рече Брнс.

Претседателот на Кривичен, Џолев, призна дека судството се соочува со тешкотии и граѓаните не се задоволни.

„Правната држава и владеењето на правото се состојби кои постојано се создаваат. Нив ги создаваат повеќе чинители и кога ќе ги создадеме треба да ги негуваме. Затоа декларативноста за владеењето на правото бара инвестиции во човечки и материјални ресурси. Во периодот наназад правосудниот систем не беше добро оценуван пред сè од страна на граѓаните, но таа перцепција постојано ја менуваме. Ќе гледаме целосно да ја подобриме бидејќи оправдување за евентуален неуспех не постои. И секогаш кога е најтешко до израз доаѓаат вистинските пријатели, никогаш не Ве оставаат сами, таков е случајот со САД“, рече Џолев.

Ваква опрема добија 25 судници во новата зграда на Кривичниот суд и со оваа донација судските постапки треба да бидат побрзи и поефикасни.

Јавноста не можеше да ја види опремата што снима, единствено имаше објаснување дека токму микрофоните што беа поставени се дел од опремата. Како што објаснуваат од судот, записничарите сега ќе го следат снимањето, а потоа ќе прават записници од расправата. Наредните рочишта ќе покажат дали оваа опрема ќе им помогне на вработените во Судот. (Ф.Ф.С.)