Судењето на Панчевски ќе продолжи во Велес, Апелација го одби барањето


Скопска Апелација го отфрли барањето на поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје, за изземање на Велешкиот суд и префрлање на предметот во Скопје. Според Апелацискиот суд, Судот во Велес е надлежен да му суди на Панчевски.

Адвокатите на Панчевски, како и на претходните рочишта, бараа тој да излезе од притвор и да продолжи да се брани од слобода.

Како аргумент го посочија документот од Агенцијата за вработување, во кој, според нив, пишува дека нивниот клиент е во работен однос, па според тоа, тој како судија има имунитет.

Вчера како сведоци во велешкиот суд, се појавија и поранешниот в.д. претседател на Кривичен, Стојанче Рибарев и актуелниот преотседател на скопскиот Кривичен суд, Иван Џолев. Објаснуваа како се одвива процесот на распределба на предмети во судот.

Владимир Панчевски е обвинет за залупотреба на службената должност, зашто наводно додека бил шеф на Кривичен суд, наместо електронски преку АКМИС системот, дел од случаите ги делел рачно кај судии за кој сметал дека му се од доверба. На ваков начин поделил околу 40 предмети. Меѓу нив се и два случаи на Специјалното јавно обвинителство.