Судан доби Преоден воен совет

Суданскиот министер за одбрана Ахмед Авад Ибн Ауф ќе раководи со Преодниот воен совет. Ауф даоаѓа на местото на претседателот на Судан, Омар ал Башир, кој вчера беше сменет со воен удар.

Началникот на Генералштабот на војската, генерал Камал Абделмаруф именуван е за заменик шеф на Преодниот воен совет.

– Суданската армија го смени и го уапси долгогодишниот автократиски претседател Омар ал Башир и ја презеде контролата врз земјата за следните две години, посочи Ауф.

Тој најави дека за две години во Судан ќе бидат одржани „слободни и фер избори“.

По вчерашното преземање на власта суданската армија воведе полициски час, што ќе биде во сила следните три месеци, додека сменетиот претседател Башир е во куќен притвор.

Протестите во Судан почнаа во декември поради лошата економска состојба во земјата, но набрзо се претворија во израз на општо незадоволство од владеењето на Ал Башар. Бројот на учесниците на протетсите се зголеми минатата недела, по оставката на претседателот на Алжир, Абделазиз Бутефлика.

На зголемениот интензитет на протести, суданската Влада одговори со репресија. Безбедносните сили од саботата, во повеќе наврати се обидоа да ги разбијат протестите, а во насилствата загинаа најмалку 22 лица.