Суд во Хаг: Тачи и уште тројца членови на ОВК треба да останат во притвор


Холандија– Специјалниот суд за Косово со седиште во Хаг смета дека Хашим Тачи и уште тројца членови на Главниот штаб на ОВК треба да останат во притвор, бидејќи постои реална опасност од влијание и заплашување на сведоци, како и ризик да ги мобилизираат своите приврзаници со цел да ја спречуваат постапката на Судот.

– Во овие околности, барем додека не се сослушаат сведоците и не се обезбедат докази, притворот е неопходен, се наведува во барањето на Обвинителството за нивно притворање, кое е денеска објавено.

Одбраната вчера најави дека ќе бара укинување на притворот и нивно времено ослободување.

Обвинителството потсетува дека во временскиот период на обвинението, осомничените им биле претпоставени на многу потенцијални сведоци на Обвинителството, а некои се уште заземаат високи позиции на авторитет и/или влијание.

– Имаат средства, мотив и можност да влијаат на сведоците, жртвите или соучесниците и на друг начин да ја спречуваат постапката, соопшти Обвинителството и детално образложи на кои начини Тачи и Кадри Весели и Здружението на воени ветерани на ОВК влијаеле ова обвинителство и суд да бидат укинати.

Покрај Тачи и Весели, на обвинението на Обвинителството се наоѓаат и Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Тие се товарат во десет точки за злосторства против човештвото и извршени воени злосторства преку здружено злосторничко делување, заедно со други припадници на ОВК.