Суд ја отфрли тужбата на Полански против американската Филмска академија


САД– Судот во Лос Анџелес ја отфрли тужбата на филмскиот режисер Роман Полански против Американската академија за филмски уметности и науки, која го исклучи од членство поради обвиненија за сексуални односи со 13-годишно девојче.

Академијата 87-годишниот Полански, добитник на Оскар во 2003 година за „Пијанист“, го исклучи од членство во мај 2018 година поради обвинение за сексуална злоупотреба од 1977 година.

Режисерот во тужбата тврдеше дека Академијата, која доделува Оскари, не ги почитувала прописите кога го исклучила од членството, а во согласност со новите правила за однесување што ги донела по големиот број обвинувања за сексуално злоставување во забавната индустрија, наведоа медиумите во Лос Анџелес.

Полански избега од САД во 1978 година, откако беше обвинет за силување девојче и никогаш не се врати. Американското судство продолжува да го гони за обвинението.