Субвенциониран оброк за сите ученици во Карпош


Со одлука на Советот на Општина Карпош, од оваа учебна 2019/2020 година, учениците од сите основни училишта во Карпош ќе имаат можност да добиваат субвенционирана ужинка.

– Надоместокот кој Општината ќе го покрива, ќе биде 50 отсто од месечната цена за ужинка. Досегашната практика, децата од прво до петто одделение да добиваат бесплатни ужинки се напушта. На овој начин, сите карпошови ученици од прво до деветто одделение имаат можност да користат субвенциониран оброк од Општината, се вели во соопштението на Општина Карпош.

Посочуваат дека ужинките ќе бидат унифицирани за сите десет основни училишта во Карпош, а исто така цената на ужинките ќе биде еднаква за сите училишта.

Како што информираат од Општината, целта на оваа практика е сите основци од Карпош да се научат на конзумација на здрава исхрана, бидејќи ужинките кои ќе им бидат доставени се согласно сите воспоставени стандарди за здрава исхрана, пропишани според Правилник, подготвен од Министерството за образование и наука.

– На овој начин се зголемува и безбедноста на учениците од повисоките основни одделенија, кои нема да мора да се оддалечуваат од училиштата за време на големите одмори ,одејќи по храна, и да поминуваат пофреквентни сообраќајни улици, велат од Општина Капрош.