Субвенциите за октомвриските плати ќе стигнат навреме, уверува Бектеши


Министерот за економија Крешник Бектеши изјави денес дека Владата неделава ќе го достави до Собранието законското решение што ќе овозможи субвенционирање на платите за вработените, како дел од четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и компаниите.

„Деновиве ќе го испратиме и законското решение во Собрание и очекуваме во почетокот на ноември да биде усвоено по што веднаш ќе ја реализираме мерката преку УЈП, какошто беше и претходно“, рече Бектеши одговарајќи на новинарско прашање.

Бектеши ги повика сите политички субјекти да не водат дневна политика и во Собранието измените да поминуваат брзо.

„Мерките од четвртиот пакет се насочени за поддршка на граѓаните, посебно на ранливите категории, на бизнисот и на зачувување на работните места, па оттаму не треба да се прави дневна политика туку треба сите заеднички да придонесеме за нивно подобрување ни што побрзо реализирање“, рече тој.

Бектеши додаде дека неколку од мерките веќе почнаа да се реализираат, како што се бескаматните кредити и викендот без ДДВ, а убеден е и дека поддршката за октомвриските плати ќе стигне навреме согласно критериумите кои заедно беа направени со стопанските комори.

„Што се однесува до другите мерки, ние го чекаме усвојувањето на ребалансот на Буџетото во Собранието и негово објавување во Службен весник. Министерството за економија веднаш потоа ќе ги објави сите повици за сите мерки кои се спроведуваат од страна на Министерството за економија. Подготвени се сите јавни повици, сите критериуми кои се изработени заеднички со координативното тело и дента кога ќе имаме законска можност да ги објавиме, да се повикаме на ставки во буџетот ние веднаш ќе ги објавиме“, рече тој, додавајќи ддека за мерките ќе може да се аплицира и онлајн.

„Туристичките агенции, туристичките водичи и другите ќе може да аплицираат онлајн или пак државата согласно информациите што ги имаме меѓу институциите, како на пример регистер на туристички агенции, директно ќе ги информира дека добиле грантови“ додаде Бектеши.

Тој нагласи дека сите мерки ќе се реализираат согласно акциониот план, и ги повика уште еднаш сите политички партии да придонесат на време да се донесат сите законски решенија кои ќе им помогнат на граѓаните и на стопанството.