Субвенции за занаетчиите од Град Скопје


Градот Скопје со цел да го поттикне развојот на традиционалните занаети во изумирање објави јавен повик за субвенционирање занаетчии во градот Скопје за набавка на потребни алати и репроматеријали за занаети во изумирање за 2020 година.

Средствата со кои Градот Скопје ќе ги субвенционира занаетчиите за набавка на потребни алати и репроматеријали се во износ од 80% од нивната вредност, но не повеќе од 50.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Субвенциите важат и за алат и за репроматеријал набавен од 01.01.2020 година, a Јавниот повик трае заклучно со 15.12.2020 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2020 година.

Барањето за субвенција заедно со комплетна документација треба да се достави во затворен плик преку Архивата на Град Скопје на адреса: Град Скопје, Сектор за локален економски развој, бул. „Илинден“ бр.82, 1000 Скопје (со назнака – Пријава за јавен повик за субвенционирање на занаетчии за набавка на потребни алати и репроматеријали за занаети во изумирање во градот Скопје), најдоцна до 15.12.2020 година.

Барањето може да се достави и по електронска пошта, со што комплетната документација наведена во барањето, треба да се достави скенирана на е-mail адресата: [email protected]