Субвенции за набавка на приплоден добиток за помал увоз

Со субвенции за купување педигрирани грла и зголемување на исплатите за предадено млеко, Министерството за земјоделство сака да го запре падот на бројките во сточарството. Годинава за набавка на приплоден добиток на располагање се 151 милион денари. Вчера беа потпишани првите 7 од 70 договори за набавка на педигрирани грла.

„Средствата се обезбедени од Програмата за рурален развој. За овие 7 договори вкупната поддршка е 22 милиони денари, и со нив фармерите ќе набават педигрирани машки и женски приплодни грла кози, јуници, машки и женски грла овци, односно 500 грла со изразит генетски потенцијал. Тие треба да придонесат сточарството во Македонија да застане на прави нозе“, рече директорот на Платежната агенција Николче Бабовски.

Право на користење на овие пари имаат земјоделските стопанства впишани во Регистарот и тие можат по едно барање да искористат до 6,5 милиони денари. Поддршката се движи од 50 до 75 проценти.

Годинава е зголемена поддршката за набавка на приплоден добиток со цел да се зголемат стадата со грла со добар генетски потенцијал. Во 2018 годинава за оваа мерка беа наменети 14 милиони денари а годинава 151 милион денари.

Од годинава, апликантите прво склучуваат договор за набавка на приплоден добиток па потоа го набавуваат. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски рече дека мерката е креирана со сточарите и со поддршка на откупувачите на млеко.

„Така им помагаме на сточарите да бидат сигурни дека дел од вложените пари за инвестицијата ќе им бидат вратени. Очекуваме мерката да создаде услови за обновување на генетскиот потенцијал на сточниот фонд, што директно ќе влијае на зголемување на продуктивноста на сточарското производство и на севкупниот развој на оваа гранка. Годинава ги зголемивме за 10 отсто субвенциите по грло, а субвенцијата за млеко е 3,5 денари по литар предадено сурово кравјо млеко и 4,5 денари за овчо и козјо млеко“, укажа Димковски.