Субвенции за аларми за погранично швајцарско село

Швајцарско село што се наоѓа на границата со Франција ќе добие субвенции за поставување алармни уреди за сите куќи, објави градоначалникот, откако по една година безбедносни патроли не го спасија селото од грабежи.
Малото село Бонкур, во кое живеат 1.200 жители, пред неколку години реши да ангажира обезбедување кое навечер ќе патролира по улиците, а истото го побараа и од локалната и регионалната полиција, како и од граничната полиција.
Градоначалникот во тоа време, Андре Гофинет, рече дека вакви мерки се потребни поради честите провали во домовите на граѓаните, а неколкупати биле ограбени и локалната банка и бензинската станица, а за тоа ја обвини местоположбата, односно близината со границата.
Селото е лоцирано на само еден километар од француската граница и 50 од германската.
Но, сегашниот градоначалник Лионел Митре, рече дека кражбите продолжиле.
„Видовме дека овие мерки не вродија со плод“, рече Митре.
Затоа, локалните власти одлучиле селото да стане прва општина во Швајцарија која ќе субвенционира инсталација на домашни безбедносни системи за сите жители.
Селото веќе потроши околу 25.000 швајцарски франци (22.000 евра) годишно за безбедносни патроли, а планираат да потрошат допоплнителни 30.000 за да се постават аларми.