Субвенции од 3.000 евра и за половни автомобили


Фото: Б. Грданоски

Во првите шест месеци годинава се увезени многу повеќе половни автомобили отколку лани и преклани. Податоците на Царинската управа покажуваат дека од јануари до јуни оваа година се увезени 16.205 употребувани патнички автомобили. Во првата половина од годината лани биле увезени 13.355 стари автомобили, а во првите шест месеци од 2017 – 9.987 автомобили.

Ваквата состојба, според најавите, треба да се промени со примената на новата законска регулатива, која предвидува субвенционирање на дел од трошоците за купување на нов автомобил ако се одјави старото возило. Како ќе се реализира мерката, ќе се утврди во посебна програма што треба да ја изготви Министерството за економија.

Министерот за економија Крешник Бектеши во изјава за ТВ Алсат кажа дека сите граѓани што имаат возила со стандард ЕУРО 2 и 3 ќе можат да се откажат од тие возила и да купат возила со стандард ЕУРО 5  и нагоре, со субвенции од државата. За возило чија вредност нема да надминува 10 до 12 илјади евра, субвенцијата е до 3.000 евра. Но, новокупеното возило не мора да е воопшто невозено, туку треба само да го задоволува критериумот за еуро стандардот што значи, освен од автосалон, граѓаните може да го заменат старото возило и на автоплацевите каде што се продаваат увезени половни автомобили, под услов тоа да има најмалку ЕУРО 5 стандард. Субвенцијата е 20-30 отсто од вредноста на новото возило, изјави министерот за економија.

Субвенционирањето, според образложението на законот усвоен на последната седница на Собранието, има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот на патиштата, да ги намали трошоците за одржување на возилата, да го намали загадувањето на амбиенталниот воздух, како и да го зголеми увозот на нови во однос на половни возила. (А.С.)