Суарез: Нема да прославувам, ако постигнам гол против Ливерпул


Напаѓачот на Барселона, Луис Суарез се враќа во Ливерпул за прв пат од 2014-та година наваму. Причината е реваншот меѓу двата тима во овогодинешното издание на Лигата на Шампионите во полуфиналната фаза.

Суарез беше предмет на многу коментари по успехот со 3:0 на „лос кулес“ над англискиот клуб. Имено „Ел Пистолеро“ го отвори резултатот, изразувајќи бурна радост откако постигна гол.

На официјалниот брифинг пред натпреварот Суарез се довери дека Барса си ја „научиле лекцијата“ по крахот против Рома минатата година, откако Римјаните ги победија Каталонците токму со 3:0 во италијанската престолнина и ги исфрлија од турнирот.

Утревечер, на Ливерпул ќе му биде потребен ист резултат за да го испрати натпреварот во дополнително време.

– Научивме од грешките во минатото. Доаѓаме на „Енфилд“ по тешкиот крај на минатата сезона, кој ни остана во главите, изјави Суарез.

Уругваецот изјави дека пред една година против Рома, неговиот тим бил мирен во Рим, бидејќи постигнаа четири гола во Шпанија, но на крајот останаа разочарани.

– Не треба да бидеме измамени од резултатотод првиот меч, бидејќи Ливерпул може да ја казни секоја наша грешка. Нивниот тим беше финалист минатата година на турнирот, а оваа година се бори за титулата во Англија, продолжи напаѓачот.

Суарез призна дека „Енфилд“ е голем плус за Ливерпул, бидејќи на овој стадион тимот секогаш игра со „еден човек повеќе“.

– Многу сум благодарен на Ливерпул за сето она што го направија за мене и возбуден сум што се вратив тука. Нема да прославам ако тука постигна гол, како што не прославував кога бележев против Гронинген со Ајакс кога бевме таму, заклучи Луис Суарез со насмевка.