Студија сугерира дека коронавирусот се задржува во органите со месеци


САД- Податоците од новата студија сугерираат дека коронавирусот што предизвикува Ковид-19 може да опстојува на различни делови од телото со месеци по инфекцијата, вклучително и срцето и мозокот.

Научниците од Националниот институт за здравје (NIH) открија дека вирусот може да се шири нашироко од респираторниот тракт до речиси секој друг орган во телото и да се задржува со месеци.

Истражувачите ја опишаа студијата како „најсеопфатна анализа досега“ на опстојувањето на вирусот низ телото и мозокот. Тие извршија обдукција на 44 пациенти кои починале од Ковид-19 за да ја мапираат и квантифицираат дистрибуцијата на вирусот низ телото.

Даниел Чертоу, главен истражувач во одделот за нови патогени на НИХ, заедно со неговите колеги рече дека РНК од вирусот е пронајден кај пациенти до 230 дена по почетокот на симптомите.

Наодите, објавени на интернет во саботата во пред-печатен ракопис, фрлаат нова светлина врз пациентите кои страдаат од таканаречениот „долг Ковид-19“.

Студијата покажа дека вирусот се реплицирал низ повеќе органски системи дури и кај пациенти со асимптоматски до благ Ковид-19.

Вирусот е откриен во сите 44 случаи и на 79 од 85 анатомски локации и земени примероци од телесни течности.

Додека „највисокото оптоварување“ на инфекцијата беше во белите дробови и дишните патишта, студијата покажа дека вирусот може „да се шири рано за време на инфекцијата и да ги инфицира клетките низ целото тело“, вклучително и во мозокот, како и во окуларното ткиво, мускулите, кожата , периферните нерви и ткива во кардиоваскуларниот, гастроинтестиналниот, ендокриниот и лимфниот систем.

„Нашите податоци поддржуваат рана виремична фаза, која го шири вирусот низ телото по белодробна инфекција“, напишаа истражувачите.

Импликациите од долгиот Ковид-19 сè уште не се целосно разбрани, иако проблемот најверојатно ќе опстојува со години.

На пример, сè уште не е јасно какви проблеми, доколку ги има, ќе имаат целосно вакцинираните лица доколку се заразат. Студијата е спроведена на тела на луѓе кои починале во првата година од пандемијата, пред да бидат достапни вакцините.