Студија: Мали се шансите за зараза со коронавирус во авион


Англија– Ризикот од изложеност на коронавирусот за време на лет со авион е многу мал, се вели во студијата на Министерството за одбрана на САД.

Кога пациент кој седи носи маска, просечно 0,003 проценти од честичките на воздухот во зоната на дишење околу главата на една личност се заразни, дури и кога секое место е зафатено, се вели во студија што може позитивно да влијае на авионската индустрија.

Тестирањето е со претпоставка дека во авионот има само едно заразено лице и не го симулира влијанието на движењето на патниците.

Студијата, извршена на летовите на „Јунајтед ерлајнс“ со Боинг 777 и 767, покажува дека маските помагаат во минимизирање на изложеноста на инфекција кога некој кашла, дури и ако е на соседното седиште.

– Овие резултати значат дека шансите да се заразите со Ковид во авион на Јунајтед ерлајнс се речиси непостоечки, дури и ако авионот е полн, изјави претставник на компанијата.

Студијата проценува дека патник ќе мора да биде во авион 54 часа со заразено лице за да се зарази.

Истражувањето траеше шест месеци и опфати 300 тестови за време на 38 часа лет и 45 часа тестирање на земја.