Студија: Лекот што го препорачува Трамп може да е штетен за пациентите со Ковид-19


Лекот за маларија хидроксихлорокин, што како превенција од корона вирус го користи американскиот претседател Доналд Трамп, се доведува во врска со зголемена смртност од Ковид-29, тврди студија на стручњаци објавена во медицинскиот магазин „Лансет“.
Во истражувањето се користени податоци од 671 болници и опфатени се повеќе од 96.000 луѓе кои се во болница поради Ковид-19 на шест континенти.
Хидроксихлорокин и нему сродниот лек хлорокин, го земале со или без антибиотикот макролид 14.888 пациенти, додека 81.144 пациенти не земале ништо од тоа, по што студијата покажала дека пациентите кои ги земале споменатите антималарици биле под зголемен ризик од смрт во однос на другите.
Стручњаците сметаат дека споменатите лекови не треба да се користат во лечењето од Ковид-19 се додека не стигнат резултатите од клиничките испитувања кои би ја потврдиле сигурноста и ефикасноста на тие лекови кај пациенти заболени од новиот корона вирус.
Трамп го испофали
Побарувачката за хидроксихлорокин многу порасна откако Трамп го испофали овој антималарик како можен лек за корона вирусот на почетокот на април.
Американската агенција за храна и лекови за хидроксихлорокин издаде предупредување.
Вчера, агенцијата Ројтерс јави дека британски здравствени работници учествуваат во меѓународно истражување кое се обидува да покаже може ли тие два антималарици,  вклучително и хидроксихлорокин кој го зема Трамп, да биде превенција против корона вирусот.
Во истражувањето “COPCOV” учествуваат повеќе од  40.000 здравствени работници од Европа, Африка, Азија и Јужна Америка.
Истражувањето, под водство на Универзитетот во Оксфорд  а во соработка со истражувачкиот центар  за тропска медицина во Банкок, почна во четвртокот во болниците во Брајтон и во  Оксфорд.
„Навистина не знаеме  дали хлорокинот и хидроксихлорокинот се делотворни или штетни  против Ковид-19“, рече професорот од Оксфорд Николас Вајт.
„Најдобар начин да дознаеме дали  се ефикасни во превенција на Ковид-19 се клиничките испитувања“, вели тој.
Истражувачкиот тим кој го спроведува COPCOV наведува дека лабораториските докази покажуваат дека антималариците може да бидат ефикасни против корона вирусот, но за сега нема конечен заклучок.