Студија: Кинеска вакцина против Ковид-19 со ветувачки резултати


Кина– Една од вакцините за новиот коронавирус што се развива во Кина се покажа како безбедна и предизвика имунолошки одговор во текот на првата и втората фаза на клиничките испитувања врз луѓе, се вели во извештајот објавен во престижниот „Лансет“.

Потенцијалната вакцина наречена BBIBP-CorV ја развива Институтот за биолошки производи во Пекинг, подружница на големата кинеска фармацевтска компанија CNBG. Станува збор за вакцина која е веќе одобрена за програми за итна вакцинација со кои кинеските власти сакаат да ги заштитат најризичните групи на луѓе, како што се здравствените работници.

Сепак, дали таа вакцина може безбедно и ефикасно да ги заштити луѓето од Ковид-19, ќе се знае со сигурност само кога ќе заврши третата фаза на клинички испитувања што во моментов се спроведуваат надвор од Кина.

BBIBP-CorV е еден од најмалку десетте проекти за развој на вакцини за коронавирус ширум светот кои влегоа во третата фаза на клинички испитувања, од кои четири ги развиваат кинески научници, според Светската здравствена организација (СЗО).

Според студијата објавена во „Лансет“, кинеската вакцина не предизвикала никакви сериозни несакани ефекти во текот на првата и втората фаза на студијата спроведена помеѓу 29 април и 30 јули, во која учествувале над 600 здрави возрасни лица. Во исто време, вакцината предизвика соодветна имунолошка реакција кај испитаниците.