Студентските домови со редуциран број станари, надомест за оние кои нема да бидат примени


Студентските и средношколските домови ќе се отворат, но ќе работат по посебни протоколи и ќе има редуциран број станари во собите.

Од Државниот студенски дом (ДСД) денеска информираа дека во двокреветна соба ќе може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета, максимум две лица.

Оттаму посочуваат дека до Собранието ќе биде доставен Предлог за измени на законите за студенски стандард и за ученички стандард со кои се предвидува да им се исплаќа месечен надомест на оние студенти и средношколци на кои им се одобрени барањата за сместување, а кои не ќе можат да се сместат во домовите поради намалениот број сместувачки легла.

– На оние студенти/средношколци на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата на Република Северна Македонија, појаснуваат од ДСД.

Според ДСД, приватно сместување или превоз ќе користат 884 студенти и 347 ученици.

Оттаму ги повикуваат студентите и учениците да се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за да ги внесат потребните податоци, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраење на овие измени.