Студентската изложба „Дисторзии“ во МКЦ


Во Младинскиот културен центар вечер ќе биде отворена студентската тематска изложба „Дисторзии“ која ќе биде отворена за посетители до 19 април годинава.

Како што соопштуваат организаторите, изложбата претставува обид за внимателно и критичко разгледување на системската дисторзија како општествен и институционален феномен што директно влијае врз обликувањето на младинската креативност и начинот на кој младите автори ја перцепираат сопствената позиција во општеството.

-Во рамките на изложбата учествуваат студенти од Европски Универзитет, кои преку сликарство, инсталација, мултимедија и интердисциплинарни практики создаваат дела што не се само визуелни изрази, туку и обиди за разбирање и артикулација на состојбите што ја дефинираат нивната генерација. Нивните работи допираат до прашања како искривувањето на вредносните системи, нарушените перспективи, притисокот врз индивидуалниот израз, но и начините на кои младите се адаптираат или пружаат отпор во такви услови – стои во соопштението. 

Проектот е организиран од Ана-Марија Матх, во соработка со визуелната уметница Ана Трајковска, која учествува како селектор на авторите.

-Со „Дисторзии“ се отвора простор за дијалог — не само за уметноста, туку и за пошироките општествени процеси што ја обликуваат. Во тој контекст, изложбата претставува и покана за размислување: како живееме, како создаваме и како се позиционираме во системи што често нè менуваат повеќе отколку што сме свесни – дополнуваат оттаму.