Студентки сексуално вознемирувани од професори на солунскиот универзитет


– Храброста на поранешната грчка олимписка шампионка Софиа Бекатору, јавно да проговори дека била жртва на сексуално насилство, го отвори патот и други жени да пријават сексуално насилство и сексуално вознемирување, а меѓу нив и студентки од солунскиот Универзитет „Аристотелис“, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, досега има над 100 поплаки за двајца професори, едниот на Факултетот за геологија, другиот на Филозофскиот Факултет, а за најмалку два од случаите, Обвинителството започнало прелиминарна истрага.

Поголемиот дел од пријавите се однесуваат на поранешен, сега веќе пензиониран професор од Факултетот за геологија, а според поранешна студентка Лина Салтабаси, која сега е претседателка на Асоцијацијата на жени претприемачи, станува збор за „болна тема што се отвора по 30 години“, бидејќи првата пријава била уште во 1984 година, а во изминатите 30 години постојат над 100 пријави.

Голем дел од исповедите на студентките се преку социјалните мрежи, но дел се испратени и до ректорот кој побарал од Обвинителството да започне истрага.