Студентки го испитуваат дејството на пестицидите врз дивата флора во Преспанскиот регион


Прекумерната употреба на пестициди во земјоделството претставува сериозен еколошки ризик, особено во региони каде се практикуваат интензивни земјоделски активности каков што е Преспанскиот. Повеќе истражувања укажуваат дека висок процент од распрсканите пестициди ја контаминираат околината, така што испаруваат и се распространуваат во почвата, водите и живите организми.
 
Со цел научно утврдување на присуството на пестициди во преспанските диворастечки растенија, започна со реализација проектот „Утврдување на состојбата на индиректна контаминација со пестициди на дивата флора во Преспанскиот регион”. Овој проект е поддржан со мал грант од страна на Македонско еколошко друштво преку програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски” за 2025 година. Проектните активности ги спроведуваат студентите Јована Данова (раководител), Јована Ангелова и Јана Настова од Фармацевтскиот факултет во Скопје, под менторство на д-р Крсте Ташев.
 
Нивното истражување ќе се обиде да одговори на следните три прашања:
– Дали постои индиректна контаминација на диворастечката флора во околината на Преспанско Езеро?
– Дали постои индиректна контаминација на островот Голем Град, како локација на која активно не се користат пестициди?
– Дали постојат разлики помеѓу различните локалитети и примероци во однос на видот на пестицидите и нивната квантитативна застапеност?
За време на пролетните теренски активности, младите еколози веќе зедоа примероци од пет локации во Преспанскиот регион: Ресен, Претор, Крани, Стење и островот Голем Град.
 
Подоцнежните фази од проектот предвидуваат нови теренски истражувања во текот на претстојната есен, како и темелни лабораториски анализи кои треба да дадат одговор на горепоставените прашања.
 
Добиените резултати ќе овозможат подобро разбирање на долгорочните последици од употребата на пестициди врз природните екосистеми во регионот, нудејќи основа за изготвување на практични и научно поткрепени препораки за порационална употреба на овие хемиски соединенија и намалување на нивното штетно влијание врз околината.