Студентите-маратонци од Србија кои „патуваа за правда“ до Брисел ќе се сретнат со Кос и Мекграт

Српските студенти кои попладнево треба да пристигна во Брисел како дел од штафетниот маратон „Од Нови Сад до Брисел – Патување од 1.950 километри за правда“ в четврток ќе се сретнат со еврокомесарката за проширување Марта Кос и со еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкал Мекграт, соопшти портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.
Одговарајќи на новинарско прашање со кого ќе се сретнат студентите откако тие наводно одбиле да бидат примени од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, затоа што, според нив, таа е „на страната српскиот претседател Александар Вучиќ“, Мерсие рече дека ЕК неколку пати јасно ја искажала својата позиција во однос на актуелната состојба во Србија.
– Разговараме со сите и тоа е пораката што еврокомесарката Кос ќе им ја пренесе на студентите и ќе ги сослуша нивните барање и пораки. Ние сме посветени на соработка со сите што сакаат да работат на пристапниот пат кон ЕУ и на спроведување на реформите, рече Мерсие.
Во врска, пак, со присуството на Вучиќ, но и на словачкиот премиер Роберт Фицо на воената парада во Москва во петокот, портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер изјави дека Русија ја користи прославата на годишнината од завршувањето на Втората светска војна за пропаганда и оправување на својата инвазија врз Украина.
-Од таму, од наша страна ние секогаш ќе се воздржуваме од давање легитимитет на агресијата и ќе останеме единствени, рече Хипер.