Студентите ќе почекаат за сместување во студентските домови
– Пред неколку дена е завршено аплицирањето. Сега сме во процес на селекција, кој зависи од информациите кои треба ние да ги имаме од други институции, како УЈП, Агенција за вработување итн. Кога ќе се разгледаат сите информации ќе се направи таа селекција и ќе бидат објавени податоците, кои студенти во кои студентски домови ќе бидат сместени, рече денеска министерот за образование Арбер Адеми, кој присуствуваше на официјалното отворање на ООУ „Киро Глигоров“ во Капиштец.
Само бруцошите немаат проблем во септември со сместувањето, затоа што академската година почнува од октомври, но сите други студенти од втора година до апсолвенти мака мачат за легло во студентските домови во земјава и во Скопје.
Септемвриската сесија е во тек. Некои факултети имаа закажано испити и на 2 и 3 септември, а сесијата трае во текот на целиот месец. Па, за полагање испити студентите треба да дојдат дента од местото на живеење до Скопје или некој друг град каде што студираат, а по полагањето да се вратат назад.
Ова се случува затоа што Министерството за образование и наука, кое е надлежно за распределувањето на студентските легла, сè уште ги нема објавено списоците со имињата на студенти примени во студентските домови низ земјава и во Скопје. Оттаму немаат ни објаснување зошто не се објавени списоците по конкурсот објавен во јули годинава.
Од Министерството за образование и наука не одговорија на прашањето дали списоците со сместени студенти се изработени ниту, пак, кога ќе бидат објавени. Неофицијално велат дека списоците може и да се изработени, ама ќе се објават кога ќе ги потпише министерот.
Лани, списоците со студенти кои добиле место во студентските домови беа објавени на 4 септември.
Откако пред некој ден опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека студентите доаѓаат во Скопје да полагаат испити во септемвриската сесија, а потоа се враќаат дома затоа што нема каде да преспијат, од Државниот студентски дом – Скопје се огласија дека тие не се надлежни за распределување на местата за студентите. Министерството за образование и наука е надлежно и за распишување на конкурсот и за распределба на студентските легла.
Јован Јаулески, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека сместувањето на студентите во студентските домови не е почнато и не се објавени списоците со примени студенти.
„Државниот студентски дом – Скопје ја известува јавноста дека објавување на резултати за примени студенти го врши Министерството за образование и наука исто како што и го распишува конкурсот за добивање студентски легла во студентските домови“, стои во реакцијата на Државниот студентски дом – Скопје.
„Оттука, Државниот студентски дом – Скопје ниту има надлежност да доделува студентски легла без конечен список утврден според конкурсот од МОН, ниту има увид во списоците и одобрените легла за студентите“, додаваат оттаму.
Тие појаснија дека ќе им излезат во пресрет на сите студенти и ќе им обезбедат сместување до објавувањето на конечните списоци од Министерството за образование и наука.
Реално, студентските домови не би требало да имаат проблем со сместување студенти кои полагаат во септември. Таква практика постоела секогаш и за јулска сесија. Се плаќа дополнително за десетина дена и студентите кои полагаат тогаш може тие денови да преспијат во некој од студентските домови, без разлика дали до крајот на учебната година биле сместени во тој дом или не. Најчесто вакви „летни“ места се даваа на користење во студентскиот дом „Гоце Делчев“ или во „Стив Наумов“ во Скопје.
Годнава во државните студентски домови во земјава ќе може да се сместат 5.154 студенти. Од нив за студентите во прва година се резервирани 1.030.
Во скопските студентски домови има место за 3.750 студенти, во Битола 385, во Охрид 226, во Прилеп 333, а во Штип 460. Во конкурсот објавен од МОН се забележува дека сместувањето во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје ќе се врши само во блоковите А и Б кои се реновирани, додека другите два ќе останат празни.
Билјана Богдановска