Студентите ја сакаат повеќе онлајн наставата

Oткако почнавме со онлајн настава, односно далечинско учење, се зголеми бројот на студените, односно учеството на студентите во наставата. Самите професори вложија многу напор да продолжи наставата, посочи во интервју за Радио Слободна Европа ректорот на Универзитетот „Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски.
-Дозволивме како Универзитет дозволивме, во зависност од дејноста на факултетот, автономно да си одлучат единиците на која платформа ќе ги обават тие предавања. Така што на некои од единиците работат со Микрософт тимс, некои со зоом, некои со гугл класрум. Секако дека една од тенденциите на професорите е да има двонасочност во тие електронски комуникации, односно да се развиваат дискусии меѓу професорите и студентите. Во таа насока многу од професорите ги имаат претходно снимено предавањата за да има повеќе време за тие онлајн дискусии меѓу нив и студентите. Мислам дека откако почна на овој начин да се одвива онлајн наставата таа е на едно задоволително ниво, наставните програми течат непрекинато, вели Јанкуловски.
Но, одржувањето на практичната настава, според него, на одредени факултети не може да се обавува, пред сè на уметничките факултети, на факултетот за драмски уметности, ликовни уметности, факултетот за музика и слично, така што се размислува за продолжување на некои вежби во втората половина на јуни.
-Имаме намера да направиме и промени во испитните сесии. Планот ни е да дадеме двојна испитна сесија во јуни или септември, ќе видиме, се зависи од владините мерки и текот на епидемијата, порача ректорот.
Околу бројот на универзитети во земјата тој останува на ставот дека е преголем и дека некои го уриваат квалитетот на наставата.
-Мое лично мислење е дека бројот на дисперзирани факултети што се отворија во нашата земја е преголем. Јас и во мојата програма, кога аплицирав за ректор, напишав дека таа стратегија треба итно да се смени, заради тоа што навистина тука беше изгубено време, кадри, енергија да се направи нешто, но во стартот се знаете дека тоа ќе биде неуспешна приказна. Тоа е едната страна, другата страна е, мислам дека треба многу внимателно и со приватните универзитети. Тука пак би го спомнал Националниот совет за високо образование, Одборот за акредитација и евалуација ќе имаат одлучувачко значење во смислам да прават анализа, проценка, дали и колку некој универзитет има успешност, дали ги исполнува критериумите за да биде универзитет и навистина тука очекуваме овие одбори и советот да ни прикажат една реална слика за потребите од универзитети, па и приватни, па и државни, јавни универзитети. Сè што е премногу не носи квалитет, со зголемувањето на бројот на факултетите и универзитетите навистина сметам дека опадна квалитетот на високото образование во нашата земја и тука треба да се донесат некои итни мерки, да се направат некои промени, она што вреди да се задржи, она што не вреди нормално дека не треба да функционира, вели Јанкуловски.