Студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе настапат на танцов фестивал во Братислава


Второто издание на проектот „УГД – Чекор кон светот“ од 6 до 9 јуни продолжува во Братислава, каде што студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе настапат во рамки на Интернационалниот фестивалот на танцови универзитети под наслов „Share“.

Како што информираат од УГД, проектот се одвива под менторство на професор Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија и доцент Адријана Данчевска, во соработка со асистентите Анастасија Данчевска и Дејан Битровски. На сцената „Театр ЛАБ“ на Академијата за изведувачки уметности во Братислава, студентите на Катедрата за современ танц при УГД, ќе се претстават со две кореографии: „Квартет“ на Дејан Битровски, кореограф и стручен соработник и „The Remix“ на доцентката Адријана Данчевска. Ќе настапат студентките на прва година на Катедрата за современ танц: Теона Ѓуровска, Нина Петрушевска, Надја Луканова и Миа Петровиќ.

Магистер Анастасија Данчевска, стручен соработник на Катедрата за современ танц, во рамките на фестивалот ќе одржи работилница на тема „Класичен балетски час за современи танчери“. Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија при УГД, ќе учествува на панел дискусиите за идни соработки и стратегија на развој на понатамошно поврзување на академиите, како и вмрежување на студентите во системот на европската современа танцова сцена, со што ќе се овозможи поголема интеграција на младите во професионалниот сегмент на светската танцова сцена.

Универзитетот „Гоце Делчев“ постојано вложува во развојот на студентите, нивното комплетно оформување како уметници, со цел полесно интегрирање во професионалните уметнички сцени по завршување на студиите.

Проектот „УГД – Чекор кон светот“ им овозможува на студентите интеграција во професионални продукции и настапи на современата танцова сцена во Македонија и странство. Преку овој проект тие веќе имаа настап во рамките на Интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје 2024, како и учество на проектот „Moving Balkans“ кој е балканска платформа за современ танц. Преку овој проект студентите работеа со повеќе професори, гости од странство: професор Роуз Брус од Антон Брукнер универзитетот во Линц, Австрија, професорката од Кралскиот универзитет во Хаг, Џоан ван дер Маст и Џорџија Д’Амико од Швајцарија/Италија.

Интернационалниот фестивалот на танцови универзитети „Share“ кој ќе се оддржи од шести до деветти јуни во Братислава, Словачка, претставува платформа на на повеќе европски танцови академии и универзитети, и тоа: „Академијата за изведувачки уметности“ во Братислава, Словачка; „Антон Брукнер“ универзитетот од Линц и „Универзитетот за музика и уметност на Градот Виена“ од Австрија; Литванската „Академија за музика и театар“; Конзерваториумскиот центар „Данкан“ од Прага, Чешка; „Колеџот за циркуска уметност и современ танц“ од Будимпешта, Унгарија; „Академијата за изведувачки уметности“ од Прага, Република Чешка и Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип,

Огромен број млади уметници, студенти и професори деновиве ќе ги споделат своите искуства во Братислава, низ работилници и вечерни програми. Фестивалот „Share“ се формираше во 2017 година, кога за прв пат се оддржа во Братислава, Словачка, со цел да се постави платформа за соработка на млади европски современи танчери. Во Братислава фестивалот се одржува секоја втора година, а во 2018 година, второто издание на „Share“ се одржа во рамки на „Танц Фест“ во Скопје и Штип, со учество на преку сто млади уметници и професори.