Студенти од Србија, Црна Гора и Косово во студиска посета во рамки на проектот е-ВИВА (e-VIVA), од програмата Еразмус+


Фото: Б. Грданоски

Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, соопшти дека успешно е реализирана двонеделна студиска посета на 40 студенти од Србија, Црна Гора и Косово, во рамки на проектот е-ВИВА (e-VIVA), од програмата Еразмус+.

Студентите во периодот од 3 до 16 април, како што посочија од Институтот, имаа можност да се стекнат со услужно (сервисно) ориентирани компетенции, преку предавања од универзитетски професори по менаџмент и стручњаци од пракса, вежби, посета на компании (како FX3X) и изработка/презентација на групни проектни задачи.

Проектот Е-ВИВА трае четири години (2018/2022), со вкупен буџет од 993.581 евро, а во него учествуваат 16 партнери од земјите на Западен Балкан и земји од Европската Унија како Германија, Австрија, Португалија. Станува збор за успешно меѓународно вмрежување на навистина голем број високо-образовни и научни институции. Целта на е-ВИВА е да создаде мешан пристап за учење за да се олесни и потврди развојот на услужно (сервисно) ориентираните компетенции, поврзани со неформални контексти за учење во високообразовните институции и контекстите за учење на работното место. Овој вид на компетенции се неопходни во сите организации, како во јавниот, така и во приватниот сектор, информираат од Институтот.

Членови на проектниот тим од Институтот се проф. д-р Мирјана Борота Поповска (координатор за ИСППИ), проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ и проф. д-р Анета Цекиќ.