Студенти од Македонија и Романија ќе работат заедно на истражувања во областа на танцот


Фото: Б. Грданоски

 Катедрата за современ танц при Филмската академја на Универзитетот „Гоце Делчев“ до 8-ми април годинава ќе биде домаќин на гостите од Националниот универзитет за уметности „Џорџ Енеску“ од Романија, кои ќе работат заедно со студентите на УГД. Под менторство на професор д-р Санда Мавхима и професор д-р Рисима Рисимкин, студентите ќе работат заедно на истражувања во областа на танцот.

Воедно, гостите од Романија ќе настапат со претставата „Опус 1-4“ во рамките на фестивалот Танц Фест 2023 на 5-ти април на сцената на Младинскиот културен центар.

-Среќна сум што оваа соработка која ја планираа во изминатата година се остварува и сметам дека ова ќе е едно извонредно искуство за нивните студенти, посебно поради квалитетот на програмите кои ќе ги следата на УГД, во соработка со нивниот оддел за танц. Посебно возбудување им е и настапот на ваков престижен и исклучително професионален фестивал како Танц Фест, посочи професорката Махвима.

Професорката Рисимкин изјави дека се радува на соработката, бидејќи отвора едно ново поглавје за студентите на двата универзитети, што ќе им овозможи подобар развој, размена на искуства и стекнување нови знаења.

Соработка меѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ и Националниот универзитет за уметности „Џорџ Енеску“ од Романија

-Гостите од Романија се репрезенти на нивната современа танцова сцена и со нетрпение ја очекуваме нивната претстава во рамки на фестивалот Танц Фест. Воедно се радуваме дека ќе имаме можност и ние да ги посетиме и да се претставиме со наши продукции кај нив. Универзитетот „Гоце Делчев“ постојано вложува во создавање нови односи на интернационално ниво, а Катедрата за современ танц е поврзана со повеќе европски и светски танцови универзитети и академии. Поврзувањето со Националниот универзитет за уметности од Романија е уште една можност за развој и потврда на нашите квалитетни програми, со кои стануваме престижни во рамки на танцовата уметност на интернационално ниво, додаде професорката Рисимкин.

Националениот универзитет за уметности „Џорџ Енеску“ (UNAGE) е првата уметничка високообразовна институција од Романија. Со над 1500 студенти и 25 студиски програми кои ги опфаќаат сите уметнички области, универзитетот ја зачувува и гради културата, придонесува за заштита и промоција на романското уметничко творештво, негувајќи и развивајќи вкус за автентично творештво.

Институт за мултидисциплинарни истражувања во уметноста (ICMA) претставува посебен оддел во рамките на UNAGE, врска помеѓу Истражувачките центри и докторските училишта во институцијата.

Сандра Мавхима е асистент-професор доктор на науки на Националниот универзитет за уметности „Џорџ Енеску“, Јаши и соработник кореограф при Националниот балет во Сибиу. Дипломира на Националното балетско училиште „Флорија Капсали“ и Националниот универзитет за театар и кинематографија „И. Л. Карајале“. Нејзините претстави се изведуваат на настани и фестивали во Романија, Шпанија, Франција, Либан, Тајланд, а танцовиот филм „Collective Identity“ беше избран од Essential Dance Film – TenduTv (САД) за колекцијата на најрепрезентативните танцови филмови во светот во 2012 година.