Студенти од Харвард и МИТ на средба со Ковачевски


 

Промоција на демократските вредности, различните култури и потенцијали на Македонија, размена на искуства и можност за заеднички проекти беше темата на која денеска премиерот Димитар Ковачевски дискутираше со магистранти и докторанти на универзитетите Харвард и Масачусетс Институтот за технологија во САД. 

На средбата присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, како и советничката за дигитализација, Маја Ангеловска.

Посетата на студентите на Северна Македонија е поддржана од земјите на Отворен Балкан, во рамките на таканаречената студиска посета „Балкан трек“, а освен во Македонија ќе бидат и во Србија и Албанија во периодот од 18 до 26 мај.

На средбата, премиерот Ковачевски потенцираше дека нашата држава, како и регионот има огромни потенцијали за можности за вработување посебно за младите, во меѓувреме нудејќи можности за инклузивен, транспарентен развој и вработување врз основа на квалитет и знаење со што се стимулираат и директните инвестиции.

Како земја членка на НАТО, потенцираше премиерот, Македонија е посветена на регионална соработка, а заштитата на сигурноста и стабилноста на Западен Балкан за нашата држава е приоритет.

Студентите на средбата се интересираа за економскиот раст на Македонија, како и борбата со дезинформациите и евроинтеграцискиот процес.

Во рамките на „Балкан трек“, студентите кои доаѓаат од 17 земји, се среќаваат со највисоки државни претставници на институциите во земјите од Отворен Балкан, а имаат и средби со млади лидери, истовремено запознавајќи се со туристичката, културна и гастрономска промоција на земјите.