Студенти од август и септември ќе одат на пракса во општините!


Фото: Б. Грданоски

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека Владата, преку Министерството за локална самоуправа и Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА), започнува со реализација на нова програма за вклучување на младите во работата на општините.Според најавите, во текот на август и на септември ќе започне програмата „Месеци на практикантство“, која ќе се спроведува во соработка со државните универзитети. Преку неа, студентите ќе имаат можност да се вклучат во работата на општинските администрации, иако МакедонијА има проблем со прекумерна администрација и недостиг на работници во индустријата. Агенцијата ИНОВА ќе го координира вклучувањето на студентите, додека Министерството за локална самоуправа, преку Ресурсниот центар за поддршка на општините и меморандум за соработка со универзитетите, ќе ја организира практичната работа согласно потребите на општините.

„Додека СДС со години само зборуваа за младите, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презема конкретни чекори што отвораат можности и перспективи во Македонија“,

се вели во соопштението од партијата.

Покрај ова, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека преку грант-програмите на ИНОВА ќе бидат поддржани стартапи, иновативни компании и претприемачи за развој на решенија за општините.Во соопштението се наведува дека Владата презема конкретни мерки за подобрување на можностите за младите, како и за поврзување на локалната самоуправа, универзитетите, иновативниот сектор и бизнис-заедницата.

„Владата на ВМРО ДПМНЕ инвестира во младите, се создаваат реални можности за работа, развој и професионално усовршување. Се креираат повеќе можности за младите, посилни општини и поквалитетни услуги за граѓаните. Државата конечно ги поврзува локалната самоуправа, универзитетите, иновативниот сектор и бизнис-заедницата во еден функционален систем“,додаваат од владејачката партија.

Во соопштението, владејачката партија упатува и критики кон СДСМ, тврдејќи дека претходната власт не обезбедила доволно можности за младите, додека актуелната влада создава услови за нивен останок и професионален развој во земјата.

„Разликата е очигледна. СДС со години ја празнеше Македонија и ги тераа младите да ја бараат својата иднина надвор. Владата на ВМРО-ДПМНЕ создава услови младите да останат, да работат, да напредуваат и да ја градат својата иднина токму овде. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со политики што носат мерливи резултати, наместо празни флоскули“, посочуваат оттаму.

Целта на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, како што се додава во соопштението, е создавање модерна и развиена Македонија во која младите ќе бидат двигател на промените, а не генерација што ќе биде принудена да замине.