Стуб: САД нема целосно да се повлечат од Европа, европските бази се клучни за глобалната стратегија на Вашингтон
Финскиот претседател Александар Стуб оцени дека САД нема целосно да ги повлечат своите трупи од Европа, бидејќи базите на европскиот континент им се неопходни за пошироко глобално дејствување.
Во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ (Corriere della Sera), Стуб изјави дека не е особено загрижен поради можното повлекување на дел од американскиот контингент од Германија, нагласувајќи дека европските бази се важни за САД за проектирање на моќта кон Блискиот Исток, Азија и Африка.
Според него, американските сили во Европа не треба да се гледаат исклучиво како инструмент за заштита на европските сојузници, туку и како дел од поширока стратегија што му овозможува на Вашингтон да го задржи статусот на глобална сила.
Стуб, истовремено, порача дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, прашање што повторно дојде во фокус по најавите за намалување на американското воено присуство во Германија.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно нареди повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија, а „Блумберг“ објави дека европските сојузници очекуваат и дополнителни намалувања на американскиот контингент во Европа, вклучително и во Италија.
Според западните медиуми, во Варшава веќе било соопштено дека Полска е подготвена да прифати дополнителни американски сили доколку тие бидат преместени од Германија, што, според полските претставници, дополнително би го зајакнало источното крило на НАТО.
Германското Министерство за одбрана, од друга страна, соопшти дека сè уште нема конечна одлука за откажување на претходно планираното распоредување американски ракети со долг дострел во Германија, иако во Берлин внимателно се следат сигналите од Вашингтон за идниот обем на американското воено присуство. /МИА