Струмички „Комуналец“ објави 16 анализи дека водата за пиење е исправна

Срамно и жално е да се игра мајтап со струмичани , порача градоначалникот Костадинов


ЈПКД „Комуналец“ – Струмица објави 16 микрообилошки анализи изработени од страна на акредитирани лабаратории и во сите стручното мислење е дека испитаниот примерок на вода е здравствено исправен согласно Правилникот за безбедност на водата.

-Почитувани граѓани на Струмица и населените места Дабиле, Добрејци, Просениково, Градско Балдовци, Водоча и Баница, поседуваме 16 микробиолошки анализи изработени од страна на акредитирани лаборатории.Во сите анализи, стручното мислење гласи: ИСПИТАНИОТ ПРИМЕРОК НА ВОДА Е ЗДРАВСТВЕНО ИСПРАВЕН СОГЛАСНО ПРАВИЛНИКОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА ВОДАТА.

Само резултатот од анализата направена од страна на Институтот за јавно здравје – Скопје ја немаме добиено, за кој од страна на медиумите дознавме дека не одговара на Правилникот за безбедност на водата, поради присуство на колиформни бактерии.

Во исчекување на резултатите од Институтот за јавно здравје – Скопје, продолжуваме со активностите за водоснабдување на граѓаните со питка вода се до моментот кога инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство ни даде решение дека водата официјално е за пиење, стои во соопштението на струмичкиот „Комуналец“.

Во Фејсбук пораки градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов најави дека неговата општина излегува од ЗЕЛС. На овој статус му претходеше друг во кој Костадинов обвини за политички пресметки откако институциите не издадоа решение дека водата во Струмица е исправна за пиење. Во најновиот статус стои:

„Општина Струмица од денеска се откажува од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит.
 
Општина Струмица како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и нејзините институции, за нив дознаваме од медиумите. Заради сето ова, го напуштаме ЗЕЛС, а членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, за се друго сме надвор од ЗЕЛС.
 
Според Статутот на ЗЕЛС, оваа заедница ги застапува и брани интересите на своите членови пред претседателот на Републиката, Собранието и Владата, министерствата и други институции во чија надлежност се работите од областа на локалната самоуправа. Но, досега од појавувањето на проблемот со водата од 27 септември година, ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека надлежните државни институции, пред се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство под чија надлежност е браната Турија од која Струмица и 6 населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветеринарство со анализите и резултатите од нив, си игра мајтап со струмичани.
 
Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права и уставните права и слободи. Во заштита и интерес на моите сограѓани за нивното најголемо богатство – здравјето, ќе продолжам да се борам со сите сили и расположливи средства, потврдувајќи по кој знае кој пат дека тие ми сенајважни и за нив компромиси нема да има. Јас како градоначалник, Општина Струмица, менаџерскиот тим и вработените во ЈПКД „Комуналец“ ќе продолжиме со нашата упорност во докажувањето на вистината дека водата е исправна и микробилошки и по хемиско физичкиот состав.
 
Срамно и жално е да се тера политика врз здравјето на граѓаните на општина Струмица, срамно е да се јадат печени костени во Ново Село, а да не се покаже никаков интерес за најголемиот предизвик со којшто се соочува Струмица и нејзините граѓани. Но, ние во Струмица сме познати по издржливоста во неправдите од власта предводена од ВМРО ДПМНЕ, ќе издржиме и сега и ќе излеземе победници од оваа скоро едномесечна голгота низ која минуваме во остварувањето на правото на чиста вода за пиење“, напиша Костадинов.
 

И градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски најави дека ќе ѝ се придружат на Општина Струмица во напуштањето на ЗЕЛС. Обвинува за „однесување како на одврзани кучиња“ на дел од министрите во Владата.