Струмица воведува програма за велосипедска сообраќајна едукација на деца


Преку активностите во рамки на проектот „Струмица – Вело Град“, поддржан од Европската Унија, Струмица ја зајакнува свеста за безбедно и одговорно учество во сообраќајот на најмладите учесници – велосипедисти Струмица, 21 мај 2025 година – Во Струмица во тек е реализацијата на програмата „ВЕЛО БЕЗБЕДНОСТ“, прва од ваков вид во Македонија, насочена кон едукација и зајакнување на безбедноста на најмладите учесници во сообраќајот, со посебен фокус на сообраќајните правила што важат на улиците и булеварите во градот
Струмица, со што децата се едуцираат според реалната сообраќајна ситуација во нивната околина.

Програмата се спроведува во рамки на проектот „Струмица – Вело Град“, финансиран
од Европската Унија, која како стратешки пристап претставува потврда за посветеноста на Општина Струмица кон развојот на урбана мобилност, еколошки решенија и пред сè – заштита на децата во сообраќајот.

Во согласност со член 273 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, децата над 10 години имаат право самостојно да управуваат со велосипед низ градот.

Свесни за значењето на сообраќајната култура и потребата од постојана едукација за безбедно и одговорно учество во сообраќајот, особено кај најмладите велосипедисти, тимот на проектот „Струмица – Вело Град“ ја разви програмата „ВЕЛО БЕЗБЕДНОСТ“.

На ваков начин, во пракса се имплементира европски модел за едукација на деца и млади – велосипедисти, кој како пример успешно се применува во училиштата ширум Германија.

Програмата „ВЕЛО БЕЗБЕДНОСТ“ има за цел да ја унапреди безбедноста на децата на возраст од 10 и 11 години – како најмлади самостојни учесници во сообраќајот – истовремено поттикнувајќи зголемена инволвираност и поддршка од страна на родителите, наставниците и заедницата.

Во рамки на Програмата, опфатени се: 90 ученици, 9 дена комбинирана едукација – теорија и практична настава, бесплатна заштитна вело опрема – заштитни кациги за секој од учесниците.

Теоретската настава се реализира во Младински центар при општина Струмица, и во сообраќајниот кабинет на ДСУ „Никола Карев“ – Струмица, додека практичниот дел се одвива на терен – крстосници, кружни крстосници, и на повеќе од 12 километри велосипедски патеки создадени во рамки на овој проект. Програмата ја спроведуваат едукатори и сообраќајни инженери од Скопје, Битола и Струмица.

Оваа програма ќе кулминира на 3 јуни, Светскиот ден на велосипедот, кога сите деца – учесници во програмата „Вело Безбедност“, заедно со родителите, наставниците и гостите ќе ја испратат својата порака за внимание, одговорност и почитување на сообраќајните правила!
Преку проектот „Струмица – Вело Град“ и програмата “ВЕЛО БЕЗБЕДНОСТ“, општина Струмица ја потврдува својата определба кон развој на одржлива урбана мобилност, инвестирајќи во побезбедна и позелена иднина за сите генерации.

Поттикнувајќи сообраќајна култура и внимание, одговорност и почит на правилата во сообраќајот уште од најрана возраст, со програмата „ВЕЛО БЕЗБЕДНОСТ“ се рефлектира визијата за Струмица како град во кој секое дете треба слободно и безбедно да се движи,.

Воедно, „ВЕЛО БЕЗБЕДНОСТ“ носи силна порака до возрасните – наставници, родители, граѓани и пред сѐ возачи– дека сите сме дел од сообраќајот и сите ја делиме одговорноста за негово безбедно одвивање. Само преку заедничко учество и вложување во едукација можеме да создадеме средина во која велосипедот ќе биде симбол на здрав живот, еколошка одржливост и урбана култура.

Струмица се движи напред – безбедно, на две тркала.