Струмица е ставена на гилотина, се жали градоначалникот Костадинов
Повеќе од еден милион евра долг за поврат на ДДВ за транспортното претпријатие, намалени дотации од ДДВ и за училиштата, се жали струмичкиот градоначалник. Од МФ велат дека „финансирањето е регулирано со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа“

Владата ѝ должи на Општина Струмица повеќе од еден милион евра поврат на данок на додадена вредност, а исто така со месеци добива помали дотации од она што законски ѝ следува, поради неисполнување на обврските кон локалната самоуправа проблеми има и јавното претпријатие за гас, а намалени биле и дотациите за основните и средните училишта, тврди градоначалникот Костадин Костадинов.
Костадинов за сево ова реагираше деновиве на невообичаен начин, преку директни прашања до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на нејзиниот Фејсбук профил каде што беше пренесено интервјуто коешто министерката го даде за „Независен“. Во коментарите под постот на министерката, струмичкиот градоначалник апелира овие проблеми коишто ги има Општината да се решат, со цел локалната самоуправа да може нормално да функционира.
„Независен“, побара одговори од Министерството за финансии на забелешките на Костадинов, при што, како што наведуваат од МФ, „финансирањето на локалните самоуправи е регулирано со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и соодветни уредби и дека Министерството за финансии ги трансферира средствата согласно донесените законски прописи“.
Во интервјуто за „Независен“, Димитриеска- Кочоска меѓу другото истакна дека состојбата на јавните финансии е стабилна и дека Буџетот е ликвиден.
„Она што претставуваше притисок во јануари беше отплатата на еврообврзницата издадена во 2018 година, a за којашто ги обезбедивме средствата за отплата преку билатералниот заем и таа активност е веќе заокружена. Така што, со средствата менаџираме на најоптимален начин и се сервисираат обврските редовно и навремено“, изјави Димитриеска- Кочоска.
Но, според она што го наведува струмичкиот градоначалник, работите во практика изгледа дека не се одвиваат мазно.
„Во оваа прилика сакам и морам во мое име како градоначалник на мојата Струмица и во име сите граѓани на Струмица, да изразам силен револт во однос на немањето комуникација со вас. Вие можете да не ме сакате, да сакате да ме победите на избори, да сакате да ја освоите Струмица, но немате никакво право да ја ставате Струмица на гилотина! Јас вам ве почитувам како именуван функционер, не се познаваме лично, ама вие ја имате честа од граѓаните да работите тоа што го работите“, вели Костадинов во коментар на интервјуто на Фејсбук профилот на Димитриеска-Кочоска, при што до министерката за финансии упати неколку прашања:
1. Ве молам имаме право на поврат на ДДВ во новото јавно претпријатие „Струмица транспорт“ прво на Балканот со целосно електрифициран јавен превоз, во износ од 69 милиони денари, средства кои се неопходни за нормално функционирање на претпријатието.
Кажете ни кога може да ги очекуваме средствата кои нам ни следуваат по закон?
2. Дотацијата од ДДВ за општините согласно законот за финансирање на ЕЛС е 6%, но неколку месеци поприлично во помал износ ни стигнуваат дотациите, зошто?
3. Струмица е прва гасифицирана општина во Македонија со 43 километри секундарна мрежа, Согласно Законот донесовме одлука за задолжување на ЈП „Струмица гас“ трета година по ред за обртни средства, а сѐ со крајна цел, резервирање количини и поволна цена на природен гас за потребите на болницата, градинките, училиштата и други јавни установи, приватни компании, домаќинства…
Таа одлука вие не ја испочитувавте и веќе цената на гасот е отидена до плафон!
Кажете ни зошто?
4. Дотациите за градинките и за основните и средни училишта ни се намалени и таквите воспитно-образовни институции намерно или ненамерно ги оставаме да тонат во проблеми.

Како што вели Костадинов, „Струмица не е само СДСМ, имаме и гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ЗНАМ имаме и неопределни, треба да знаете и ним сте им влада“, како и дека општината е „составен дел на Македонија, ние плаќаме даноци и како народ и од градот и од струмичките преубави села си ги реализираме обврските кон државата така како што си е редот“.
„Ова го пишувам со најдобра намера, за да поттикнам надминување на многу отворени прашања кои создаваат потешкотии во нашето работење. Сите ние ја имаме честа исклучиво да служиме, затоа сме служба на граѓаните, притоа никако не смееме истите да ги делиме по било која основа“, вели во коментарот Костадинов, при што додава дека се надева на разбирање на ситуацијата во која се ставени сите во Струмица, пред сѐ како граѓани, после и како институции.
Во врска со оваа реакција на струмичкиот градоначалник, „Независен“ се обрати до Министерството за финансии, од каде што го добивме следниот одговор:
„Финансирањето на локалните самоуправи е регулирано со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и соодветни уредби и дека Министерството за финансии ги трансферира средствата согласно донесените законски прописи. При тоа за 2025 година во Буџетот се предвидени трансфери до ЕЛС за 8% повисоки од оние во 2024 година, од кои дотациите за ДДВ бележат раст од 12%, додека блок дотациите од 7,3%““, велат од Министерството за финансии.

Притоа, додаваат дека во тие рамки раст на блок дотациите бележат и до општина Струмица и за основно и за средно образование и за детски градинки.
„Напоменуваме дека висината на дотацијата на ДДВ се распределува согласно Уредбата за распределба на дотацијата на ДДВ во која е дефинирано дека таа за 2025 година е во висина од 6% од наплатениот данок на додадена вредност во претходната фискална година од кои пак основен дел е 4,5%, и дел за воедначување 0,75 % и дел за перформанси 0,75%“, се вели во одговорот од Министерството за финансии.
Како што посочуваат, на почетокот на годината до општините е распределен основниот дел во висина од 4,5%, а по 30 март, кој е утврден рок со Уредбата, се распределуваат дополнителните средства до општините коишто ги имаат исполнето условите од делот за воедначување и/или делот за перформанси.
„Блок дотациите кон општините се распределуваат согласно донесена Уредба од страна на надлежните министерства, односно Министерството за образование и наука и Министерството за социјална политика, демографија и млади“, велат од Министерството за финансии.
Како што посочуваат повратот на ДДВ кон ЈП, е исто така пропишана со Закон и постапките за повратот на ДДВ се водат од страна на Управата за јавни приходи, а Министерството за финансии врши исплати врз основа на доставени налози од Управата за јавни приходи. Во врска со задолжувањата на јавните претпријатија основани од општините велат дека тие се регулирани со Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и Законот јавниот долг.
„Имено како Министерство за финансии имаме секојдневна комуникација со општините преку секторите, а во континуитет се одржува комуникација за сите прашања во рамки на Заедницата на единиците на локалната самоуправа“, се вели во одговорот од Министерството за финансии. (М. Ј.)