Струјата од Нова година ќе се оданочува со 10 отсто ДДВ наместо сегашните пет отсто

Кај персоналните даноци и придонесите Бесими рече дека станува збор за избор во однос на плаќањето, бидејќи висината на хонорарите се различни.


Фото: Б. Грданоски

Данокот на додадена вредност за електричната енергија од Нова Година ќе изнесува 10 отсто, изјави вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими. Од мај годинава, како една од владините антикризни мерки, струјата се одначува со стапка од пет отсто ДДВ,  

Бесими во гостувањето на Топ тема на ТВ Телма, рече дека оваа стапка ќе важи до крајот на годинава, а во првата половина на идната година за прометот на електричната енергија кон домаќинствата ќе се пресметува ДДВ од 10 отсто.

Запрашан за даночната реформа, Бесими рече дека се разгледуваат неколку модели, при рече дека нема воведување нови даноци, туку проширување на даночната основа. Кај ДДВ-то тоа значи дека ќе се преиспита повластената даночна стапка од пет отсто за повеќе производи, односно да се вратат на општата даночна стапка на ДДВ од 18 отсто како што биле претходно. Кај персоналните даноци и придонесите Бесими рече дека станува збор за избор во однос на плаќањето, бидејќи висината на хонорарите се различни.