Струјата на електрична столица
МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ
Трошоците на енергетските компании, оправдани или не, на крајот некој ќе мора да ги плати. Исто како и сите други пропусти во енергетскиот сектор изминатите децении. Кој друг, ако не крајните потрошувачи
Поскапувањето на електричната енергија за 7,4 отсто за домаќинствата сосема очекувано стана жешка тема за дебата и поле за политички пресметки. Дали електричната енергија ќе се третира како пазарна категорија или инструмент за водење социјална политика, колку е оправдано покачувањето и тајмингот што е избран за тоа (по спроведување на предвремените парламентарни избори и пред да се знае кој ќе ја формира владата), каков е соодносот со примањата во земјава итн…
Со еден збор, цената на струјата се најде на електрична столица и на површина ги исфрли сите недоследности и пропусти што со години, па и децении, се однесуваат на водењето на енергетската политика во земјава.
Поскапувањето на струјата дојде по околу тригодишно „хибернирање“ и само нешто повеќе од една година од целосното либерализирање на пазарот на електрична енергија, реализирано со новиот Закон за енергетика донесен во 2018 година. Потег што беше најавен како инкорпорирање на европските практики кај нас, но и со вградено решение за универзален снабдувач коешто нема да дозволи ценовни шокови за населението. Така барем беше образложено.
Практиката покажа дека европските стандарди можеби се запазени (за тоа дојде признание и од Енергетската заедница), но граѓаните сепак не беа поштедени од ценовен шок. Освен ако под такво нешто не се подразбира образложението дека цената на струјата ќе се зголемила 25 отсто доколку во целост се прифателе барањата на енергетските компании. Па, така овие 7,4 отсто треба да се сфатат како олеснување.
Во однос на либерализација на пазарот на електрична енергија за домаќинствата треба да се има предвид уште еден факт – а тоа е дека според решенијата во Законот за енергетика, ЕЛЕМ, или сега преименуван во ЕСМ, лани беше должен да му понуди на универзалниот снабдувач најмалку 80 отсто од годишните потреби за електрична енергија, годинава тој износ е најмалку 75 отсто, следната година обврската ќе се намали уште повеќе, сѐ до 2025 кога треба да обезбеди најмалку 30 отсто.
Тоа значи дека влијанието на слободниот пазар врз цената на струјата ќе биде сѐ поизразено. Се разбира, тоа по автоматизам не мора да значи поскапување, туку и поевтинување на овој енергенс, како што во текот на годинава се случуваше со бензините, на пример. Цените на суровата нафта на светските берзи во еден момент отидоа и во негативни вредности, односно продавачите плаќаа само да се ослободат од натрупаните залихи.
Малку е познато дека тоа се случи и на пазарот на електрична енергија. Според пишувањето на news.err.ee, во почетокот на јули годинава цената на електричната енергија во Естонија за прв пат влезе во негатива, достигнувајќи минус 0,09 евра по MWh на пазарот „NordPool“. Ова значеше дека производителите на електрична енергија им плаќаа на клиентите по 0,09 евра за MWh за купената електрична енергија. Негативни цени имало и во Шведска, Финска, Латвија и Литванија, пишува порталот, нагласувајќи дека сепак, станува збор за краткотрајна појава која се случила во ноќните часови, а набрзо цените се стабилизирале и достигнале околу 49 евра за Mwh. Одлуката цените да одат во негатива била помалото зло од привремено затворање на капацитетите, објаснуваат учесниците на пазарот, како и дека овие цени се однесуваат на берзанските трансакции, а не на крајните потрошувачи како што се домаќинствата.
Но, како што покажува и практиката во балтичките земји, додека цените на електричната енергија паднаа поради пандемијата на корона вирусот во периодот кога економиите беа ставени под клуч, олеснувањето на владините ограничувања беше придружено со повторен пораст на цените, при што во еден момент електричната енергија достигнала и над 250 евра за мегават час.
Ова е добра илустрација за она што може да го очекуваме во иднина – вклучувајќи ги и домаќинствата кои последни влегоа во процес на либерализација на цените на електричната енергија, иако во овој дел улогата на Регулаторната комисија за енергетика и натаму е голема.
Друго е прашањето дали таа треба да се грижи за социјалниот момент на граѓаните или во фокусот треба да ги има само енергетските компании и супервизијата на нивните трошоци кои влегуваат како елементи во конечната цена на струјата.
Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, рече дека кога ќе се формира Владата ќе предложат основање Енергетски фонд преку кој ќе се штитат ранливите категории на населението – оние со ниски примања, приматели на социјална помош, стечајци и тн. Веројатно станува збор за одредени пакети (количество) на електрична енергија кои ќе им бидат доделувани на овие категории население.
Во некои земји цената на струјата е различна во зависност од потрошувачката. Прегледите што ги нудат специјализираните портали покажуваат дека некаде има по четири-пет, па и повеќе раздели. Колку повеќе трошите, толку цената за потрошен киловатчас е повисока. Нешто слично како прогресивното оданочување.
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, пак, вели дека цената на струјата може да се намали доколку наместо стапката на ДДВ од 18 отсто се примени привилегираната од 5 отсто. На тој начин, што би се рекло, би бил „и волкот сит и овците на број“, но додека се примени ваква мерка ќе помине време. Прво треба да се изгласа новата влада, па Министерството за финансии да пресмета колку тоа ќе го чини Буџетот и дали е оправдано, па да се подготват законски измени кои ќе треба да поминат во Собранието…
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вели да се намали маржата од 11,5 отсто која ја добива универзалниот снабдувач и која според него е една од главните причини за ова што се случува со цената на електричната енергија за граѓаните. Мицкоски, кој е универзитетски професор и беше на чело на ЕЛЕМ, сигурно добро ги познава состојбите во електроенергетскиот сектор, но прашање е дали на реализиран тендер, отпосле може без последици да се интервенира во веќе договорените обврски на сите учесници.
Очигледно, нема инстант решенија кои ќе ги задоволат двете страни – и граѓаните и компаниите кои велат дека ќе работат со минимални профити.
Клучното прашање за сите – и за граѓаните и за стопанството е – како да трошиме повеќе (електрична енергија), а да плаќаме помалку. Енергетичарите имаат одговор на оваа навидум контрадикторна дилема – тоа е енергетската ефикасност. Македонија е една од земјите кои најмногу се „расфрлаат“ со енергијата (која, патем, и ја нема, односно е зависна од увоз) и крајно нерационално ја користи. Токму во овој дел можеби најмногу се гледаат промашувањата во енергетската политика во земјава, вклучувајќи ја и гасификацијата, искористувањето на обновливите извори (сонцето, ветерот), нереализирањето на крупни енергетски проекти (Чебрен, Галиште)…, кои да се спроведоа на време, сега сликата ќе беше поинаква.
Во време на пандемијата кај нас се јавија застапници на прилично радикални тези – како на пример да се „брцне“ во профитите на приватни акционерски друштва, кои тешко дека се во согласност со она што тежнееме да станеме – функционална пазарна демократија.
Тао е дискутабилно дури и како кризна мерка, бидејќи пазарот не дава гаранција дека во наредниот период условите ќе бидат такви што ќе овозможат да се реализира профитот кој сега би се одзел. Од друга страна, добивката е основен предуслов да се инвестира во идни капацитети, како и да се унапредува и осовременува производството.
Развојот на енергетскиот сектор е клучен за обезбедување натамошен економски раст. Тешко дека може да се привлечат странски инвеститори, па и домашни, доколку системот е со слаб капацитет и не може да ги поддржи плановите на инвеститорите.
Од друга страна, енергетските компании, особено оние во државна сопственост, од партиите на власт се третираат како сигурни зони за (партиски) вработувања, а не како акционерски друштва за кои важат сите правила на корпоративното управување. Тоа убаво го илустрира информацијата што ја објави „Слободен печат“, во која се вели дека од 2005 година, кога се формираше компанијата за производство на електрична енергија (ЕЛЕМ, сегашно ЕСМ), бројот на вработени од 3.801 на крајот од 2018 година достигнал 4.754 лица. Во истиот период, производството на електрична енергија е намалено за 20 отсто. Во МЕПСО, државната енергетска компанија која е оператор на националниот електроенергетски систем, заклучно со 2018 година имало 585 вработени, или за четири години повеќе за 12,5 отсто.
Без оглед што од Регулаторната комисија велат дека им ги признаваат трошоците за плати од 2018 година, сепак, на крајот сето тоа некој ќе мора да го плати. Исто како и сите други пропусти изминатите години и децении.
Кој друг, ако не крајните потрошувачи.