Струјата ќе поскапи, но сметките ќе останат исти?


Колкава ќе биде цената на струјата за граѓаните ќе се знае до крајот на месецов, откако Регулаторната комисија за енергетика ќе излезе со конечните пресметки. Тоа го најави денес првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, во интервју за Радио Слободна Европа, прецизирајќи дека претходно ќе треба да се реализира тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за набавка на електрична енергија, како и Регулаторната комисија да се произнесе по барањата кои другите учесници на енергетскиот пазар ги доставија за зголемување на нивните трошоци.

„Во овој момент, додека не одржи тендерот на кој што ЕСМ треба да му понуди на ЕВН Хоум не може да кажеме каква би била цената на електричната енергија“, изјави Бислимоски.

Дали конечниот епилог ќе биде зголемување на цената по која енергетските компании ја испорачуваат електричната енергија, а сепак сметките кои ги плаќаат граѓаните да останат отприлика на сегашното ниво?

По се изгледа тоа е „картата“ на која се типува, откако беше објавено дека ДДВ за електричната енергија ќе се намали од 18 на отсто

Како што е познато, кон крајот на минатиот месец МЕПСО побара зголемување на цената на преносот на електричната енергија за 140 отсто, додека Електродистрибуција побара зголемување во нивниот дел – дистрибуцијата за околу еден отсто. Исто така, и операторот на пазарот на електрична енергија побара за неговите трошоци зголемување на цената за околу 54 проценти.
„Тоа се нивни барања, во овој момент РКЕ ги анализира и уште од сега може најодговорно да кажам дека тоа што е побарано нема да биде прифатено“, изјави Бислимоски.
Тој појасни дека РКЕ прави анализи врз основа на кои во наредните десетина дена ќе излезе со конечни пресметки.
Сепак, влијанието на регулаторот врз конечната цена на струјата која што ќе ја плаќаат граѓаните е ограничено – РКЕ влијае на крајната цена со 38 проценти, (тоа е цената за пренос, за дистрибуција и еден мал дел за организирање и управување со пазарот на електрична енергија).
„На другите 62 проценти РКЕ нема никакво влијание бидејќи ЕВН Хоум како универзален снабдувач си обезбедува електрична енергија во најголем дел за потребите на домаќинствата на тендер кој што го распишува, при што добива оној кој има понудено најниска цена. Трошокот кој го има ЕВН Хоум, РКЕ само го пренесува кон крајните потрошувачи“, вели Бислимоски.
Тој додава дека РКЕ има уште еден дел на кој што има влијание. Станува збор за трошокот за повластените производители на електрична енергија – тоа се производители на електрична енергија од обновливи извори кои што користат повластени тарифи за кои има законска обврска да им се откупи нивната електрична енергија. Конкретно поради тоа минатата година струјата поскапи околу 7,5 проценти.
Во меѓувреме, цената на електричната енергија влезе и во меѓупартиските пресметки. Пред две недели, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски предвиде дека од 1 јули цената на електричната енергија ќе поскапи за минимум 15 до 18 отсто, а единствен спас тоа да не се случи е намалување на ДДВ-то за електричната енергија за граѓаните. Ваквите пресметки тој ги темелеше како врз основа на барањата на енергетските компании за покривање на поголемите трошоци, и за кои треба да се произнесе РКЕ, но и во делот на цената на струјата за која регулаторите немаат влијание, во делот на тендерот, предвидувајќи дека ЕСМ ќе понуди цена на електрична енергија помеѓу 55 и 58 евра за мегават час.
„Тоа ќе биде во вкупна количина од 70 отсто потребите на ЕВН ХОМЕ односно од потрошувачите кои добиваат сметки од ЕВН. Останатите 30 проценти ќе биде цената која ќе ја понудат трговците, а таа во моментов на берзите изнесува околу 70 евра. Кога сето ова ќе се сведе на вкупна цена очекуваме дека граѓаните најмалку ќе плаќаат 18 отсто поскапа цена“, појасни Мицкоски.
Од Владата ваквите процени беа демантирани, но истовремено, надлежните излегоа со најава за намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто со цел да се амортизираат негативните ефекти од поскапувањето.
Дали тоа ќе биде формулата граѓаните да добиваат горе -долу исти сметки за струја и покрај нејзината зголемена цена ќе се знае деновиве. Но, според најавите, намалувањето на ДДВ на 5 отсто ќе биде привремено – од јули идната година ќе се зголеми на 10 отсто, а една година потоа повторно (односно во 2023) ќе се врати на даночната стапка од 18 отсто. (М.Ј.)