Стразбур: Македонија да им исплати отштета на претепаните тинејџери Роми


Седиштетот на Советот на Европа

Пред шест години полицијата во Скопје приведе, малтретираше и тепаше двајца тинејџери Роми за кои се сомневаше само врз основа на темниот тен на кожата дека ограбиле девојка, заради што Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди државата да им исплати отштета од по 7,5 илјади евра, соопшти Европскиот центар за права на Ромите. Но, Центарот не е задоволен од пресудата зашто Судот не ги ценел „расистичките мотиви“ на полицијата.

Европскиот суд за човекови права пресуди во корист на двајца тужители, Роми, застапувани од страна на Европскиот центар за права на Ромите (ЕЦПР), кои биле малтретирани додека биле малолетни, од страна на полицијата во Скопје, во 2014 година. Судот пресудил врз основа на недостатоци во истрагата, но не и за нечовечкиот и деградирачки третман, со кој се соочиле тужителите (член 3 од Конвенцијата), ниту поради дејствијата на јавниот обвинител или на полициските службеници кои биле дискриминирачки (член 14 од Конвенцијата).Судот ѝ наложи на македонската Влада на Ромите, кои се сега на возраст од дваесет и три и деветнаесет години, да им исплати износ од по 7.500 евра.

 

„Вознемирувачки е да се види дека правдата за овие деца очигледно не може да се добие во Северна Македонија. Познато нѝ е дека овој вид на расистичко насилство се случува постојано, но правосудниот систем, полицијата, јавниот обвинител во оваа држава се така институционално расистички, што, дури и кога деца се апсени и претепувани од страна на расистички полицајци, институциите не можат ниту да спроведат успешна истрага против нивните сопствени службеници. Ромите треба да бараат потпора од судот во Стразбур за со цел да добијат каква било правда”, вели Ѓорѓе Јовановиќ, претседател на ЕЦПР.

Овој Европски центар информира дека предметот се однесува на неуспехот да се истражи инцидент за наведена полициска бруталност, што се случил на 19 мај 2014 година, кога тужителите Роми биле на возраст од шестнаесет и тринаесет години. Полициските службеници, припадници на Скопската единица „Алфи”, барале двајца силеџии, кои биле пријавени дека нападнале и ограбиле дваесет годишна жена во близината, кои биле опишани како мажи со темен тен, на возраст помеѓу шестнаесет и осумнаесет години. Полициска патрола ги воочила двајцата малолетници, веднаш ги нападнала на улица, а потоа шеснаесет годишникот го однеле во полициски притвор, каде наводно бил тепан неколку часови. Кога во полициската станица Центар дошол неговиот татко, на момчето му било кажано „најди ја чантата или ќе те убијам пред татко ти.” Под закана момчето потпишало признание за кражба на чанта од дваесетгодишна девојка.

Тринаесетгодишното момче изјавило дека полициските службеници му удирале шлаканици и викале по улицата „вие Циганите лажете и крадете!”

По инцидентот, полицискиот инспекторат негирал било каков престап сторен од страна на службениците, изјавувајќи дека полициските службеници не ги пречекориле своите овластувања. Подоцна истиот месец, двајцата Роми, поднеле кривична пријава до јавниот обвинител,поддржани од ЕЦПР и Хелсиншкиот комитет во Македонија, против четворицата полициски службеници, кои биле вклучени во инцидентот.Но, до декември 2017 година, немало никаков напредок за казнување на службениците. Поединечни граѓански тужби поднесени од страна на двајцата Роми, стигнале и до скопскиот Апелациски суд, каде тужбите исто така биле одбиени па Европскиот суд за човекови права останал последна и единствена можност тужителите да добијат правда, велат од ЕЦПР.

„Среќна сум што овие двајца млади мажи добија надомест, што е во некоја мерка барем мерило за правдата, по бруталноста која тие двајцата ја доживеале на 19 мај 2014 година” изјави, менаџерот за правни работи на ЕЦПР, Сенада Сали.Но, таа додава дека е и разочарана од Европскиот суд во оваа инстанца и дека за жал не се поврзани очигледните расистички мотиви во постапките на Скопската полиција.

„Во нивнатапресуда, тие дури не ни навлегуваат во ценењето на членот 14 (дискриминирачко барање), тие само го одбиле како очигледно неосновано. Белешките од болница и медицинските докази, доставени до судот од страна на ЕЦПР покажуваат дека тинејџерите биле претепани и имале модринки на нивните глави и нивните тела. Тинејџерите изјавиле дека службениците ги шамареле, боксувале, удирале и тепале со пендреци, во стремеж да извлечат од нив признание, како и користејќи расистички навреди во постапката. Дополнително, тинејџерите биле посочени од полицијата поради осомничен профил, кој бил скоро целосно базиран на нивната етничка припадност (покрај тоа, помладото момче не би ни можело да одговара на ваквиот опис поради неговата возраст). И покрај ова, судот одбил да ја земе предвид почетната бруталност или подоцнежното одбивање да се истражува како дискриминаторноод страна на полицијата или обвинителите”, вели Сали.

ЕЦПР соопштува дека и денес воочува модел на непреземање активност за Ромите од страна на обвинителството, што претставуа институционален ресизам.