Стравот за банкарскиот сектор се намали, индексите на Волстрит силно пораснаа


Берзанските индекси на Волстрит силно се зголемија во вторникот, бидејќи стравувањата за банкарскиот систем се намалија, а податоците за инфлацијата во САД беа во согласност со очекувањата.

Дау Џонс зајакна 1,06 отсто, на 32.155 поени, додека СиП (S&P 500) порасна за 1,68 отсто, на 3.920 поени, а Насдак индексот 2,14 отсто, на 11.428 поени.

По остриот пад од претходниот ден, во вторникот индексите пораснаа бидејќи се намали притисокот врз банкарскиот сектор, кој трае од крајот на минатата недела и колапсот на две банки – Банката на Силиконската долина (СВБ) и Сигначр банк. Инвеститорите не беа поколебани од прилично негативната оценка за банкарскиот сектор од страна на Мудис.

Стравувањата од ширење на кризата во банкарскиот систем стивнаа откако властите на САД и низа други земји изјавија дека кризата ќе се спречи и дека нема причина за грижа за другите банки.

Инвеститорите беа охрабрени и од податоците за инфлацијата, што е во согласност со очекувањата на аналитичарите. Во февруари потрошувачките цени во САД се зголемија за 0,4 отсто на месечно ниво, а за 6 отсто на годишно ниво. Ова укажува на постепено ублажување на инфлаторните притисоци, па зајакнаа шпекулациите дека ФЕД ќе го забави темпото на зголемување на каматните стапки.

Уште минатата недела се очекуваше дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки за агресивни 0,50 процентни поени на својата мартовска сесија.