Стратешките проекти и влез на инвестиции од ОАЕ теми на состаноците на Бесими со Фондот за развој на Абу Даби


Стратешките проекти кои се приоритетни за Владата на РС Македонија и кои имаат придонес во економскиот развој и можностите за нивно финансирање и унапредување на соработката со Обединетите Арапски Емирати, се теми на дводневните состаноци на министерот за финансии Фатмир Бесими со претставници на инвестициски фондови од Обединетите Арапски Емирати, кои, иако планирани да се одржат во Абу Даби, се одржуваат онлајн согласно антикризните мерки за рационализација на трошоците, соопшти Министерството за финансии.

По вчера одржаниот состанок со директорот за инвестиции во Фондот за развој на Абу Даби Мохамед Саиф Ал Суади, денеска министерот за финансии Фатмир Бесими одржа состанок со Калифа Алмхеири, извршен директор на Фондот за развој на Абу Даби.

 

-Постои голем потенцијал за развој на сорабоктата меѓу двете земји и за реализација на инвестиции од ОАЕ во земјава. Фондот за развој на Абу Даби е меѓународен инвеститор со инвестиции кои се проценуваат во повеќе милијарди долари, а присутен е и во развиени и во земји во развој во Северна Америка, Европа и Азија, истакнуваат од Министерството за финансии.

Покрај Планот за забрзан економски раст, кој нуди координирана поддршка за поттикнување на инвестициите на јавниот и приватниот сектор, на средбата министерот Бесими упати на институционалната поддршка за реализација на инвестициите во земјата и условите за инвестирање. Притоа додаде дека други значајни закони кои имаат за цел да го поттикнат и забрзаат економскиот раст преку привлекување и поддршка на инвеститори во земјата се Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Законот за технолошки индустриски развојни зони.

Приоритетните области за инвестиции кон кои е фокусирана Владата се „Зелената агенда“, дигитализацијата, иновациите и технологијата; развој на човечкиот капитал; подобрување на физичката инфраструктура; социјална кохезија и добро владеење.

Како Влада, потенцира министерот, и покрај актуелните случувања во Украина и нивното влијание на глобално ниво, останува приоритет постигнување на економски растот со стапки над 5 проценти во наредните години, засновани на растот на инвестициите и потрошувачката.