Стратешкиот тим ќе ја прави изборната програма на СДСМ, вели Маричиќ


 Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ го нарече „многу важно тело“ стратешкиот тим што го промовираше деновиве СДСМ со фотографија од првата средба, на која седеа заедно премиерот Димитар Ковачевски и екс премиерот Зоран Заев. Според Маричиќ во него се собрани многу луѓе со големо политичко искуство кои треба да дадат придонес за градење на внатрешна кохезија на партијата, но и за „позитивната стратегија за изборите наредната година“. 

-Тоа е стратешки тим за градење стратегија на партијата, не е специфично за евроинтеграции. Јас учествувам во други тела на партијата, така е договорено, сум се согласил со тоа и секој во партијата има свои задачи, така што давам целосна поддршка на работата на тоа стратешко тело, одговори Маричиќ на дилемата зошто тој не е дел од него како вицепремиер за европски прашања.