„Стратешката грешка не се поправа за пет минути“: Ковачевски на форумот во Братислава

Премиерот нагласи дека ветото што беше наметнато за Македонија и Албанија има ефект најмалку пет до 10 години


 

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска на Форумот Глобсек во словачкиот главен град Братислава, зборувајќи на панелот за врќањето на Балканот во игра рече дека регионот не треба да се стигматизира, туку ЕУ да ги слушне размислувањата на луѓето од него.

Поддршката од европските фондови е клучна за развојот на земјите од Балканот, а членството во ЕУ е единствениот пат за нивен напредок.  

„Кога јазот се зголемува во економска смисла тоа значи дека нивото на образование се намалува, инфраструктуриниот јаз се зголемува, транспортниот јаз се зголемува како и јазот во ефикасноста на институциите. Сметам дека ЕУ по војната во Украина ја сфати стратешката грешка која ја направи пред неколку години кога беше наметнато на Македонија и на Албанија. Кога ќе направите стратешка грешка не може да ја решите за 5 минути. 

Стратешките грешки имаат свој ефект во период од 5 до 10 години најмалку. Знам дека претседателката на Европската комисија е голем пријател на нашите земји, а и личен пријател којшто ни помогна во најпредизвикувачките времиња, затоа што неколку години работиме во ситуација на криза со пандемијата, економската, енергетската криза. Помошта што ја добивме беше потребна, нужна во тоа време но исто така морам да потенцирам дека нашиот народ, нашите институции, заедно со премиерите на Албанија и Грција, работиме заедно се со цел да ја решиме кризата и ја поминавме зимата“, рече премиерот.

Правејќи споредба со стандардот на поранешна Југославија, Ковачевски рече дека стандардот тогаш бил 10 пати поголем од стандардот на некои сегашни земји членки на ЕУ.

„Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија, Романија заедно. А стандардот на вашите земји, затоа што тука гледам луѓе од Словачка, Чешка сега е подобар само поради тоа што сте членки на ЕУ.  Патот на напредување на Западен Балкан, како што велите вие, е членство во ЕУ“, рече Ковачевски.