Стратегијата на Мицкоски до 2050 година
Нашиот премиер е третиот гениј кој предлага ваков ингениозен проект како национална стратегија кој е веќе е изготвен и објавен уште 1997 година и фаќа една педа прав во депоата на МАНУ
Воодушевен сум од генијалниот предлог на премиерот Христијан Мицкоски до МАНУ да се изготви Национална стратегија за економскиот и општествениот развој на Македонија до 2050 година. Кога ќе се оствари јас ќе го прославам својот стоти роденден во Бутел, а тој ќе наполни 73 години со добри изгледи како пензионер да доживее голема слава. А, вие за себе пресметајте си сами. Да сте здрави и живи. Кој ќе дочека ќе настрада.
Во својот историски говор на 131-годишнина на оснивањето на Македонската револуционерна организација отворањето на една ваква перспектива за иднината на државата ме остави без здив, за малку ќе се задушев од смеење. На тој што му ја дал оваа идеја на премиерот Мицкоски претседателката Гордана Сиљановска-Давкова треба веднаш да му додели орден за заслуги од највисок ред. Ваков цртан филм не сме гледале ни во кино „Бамби“, ако некој го памти омиленото скопско детско кино.
Нашиот премиер Мицкоски е третиот гениј кој предлага ваков ингениозен проект озаглавен како национална стратегија кој е веќе изготвен и објавен од стотина домашни и светски економисти и научници уште 1997 година и фаќа една педа прав во депоата на МАНУ. Пред него во изминатите две години истите, букавално истите предлози за национална стратегија за развојот на Македонија ги изнесоа пред јавноста поранешниот претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев, и поранешниот премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски. Ама бидејќи сѐ почнува од нив сите тројца имаат авторско право над неостварениот плагијат. Еве уште еднаш да ја повториме суштината што кажаа нашите големи стратези.
Во својот говор на 23 октомври 2024 година премиерот Христијан Мицкоски со силен вознес и приопшти на нацијата: „Јас од кога почнав да се занимавам со политика тврдам – на македонското прашање му е потребна енергија. И сметам дека денес дојде денот да отпочнеме еден сериозен проект.
На овој ден сакам да иницирам еден проект кој ќе биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050-та. Владата ќе проба да го договори со Македонската академија на науките и уметностите, со кој ќе се дефинираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели и како да се стигне до нив, земјоделски, технолошки развој, енергетски и транспортен развој, и така натаму.
Значи сеопфатна стратегија која ќе ја дефинира новата парадигма на современата држава. Ние мора да ги користиме знаењата на сите кои можат да помогнат, ние мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата, а потоа ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија. На државата тоа ѝ недостасуваше со години“.
Му викнав преку телевизорот: Премиере, што точно недостасуваше, сеопфатана стратегија имаше, ама немаше консензус. Или, кажано на македонски немаше заеднички став за иднината на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не прифати консензус за сѐ она што сега го предлагате . Сите премиери, а седнат на жешката фотеља предлагаат единство и консензус. Ако се прифатеше Македонија одамна ќе беше не само членка на ЕУ, туку со многу решени проблеми во кои сега се гуши.
На добар пат да исчезнеме како држава
Понатаму Мицкоски изрази голема загриженост во својот говор за МАНУ и научните умови кои, како што рече, „беа маргинализирани и насочени само кон своите проекти и научни цели, но мора да се вклучат и да помогнат во развојот и во остварување на државните цели и приоритети. Во јавноста почна да се зборува за ваква или таква академија, па заради тоа го кажувам сето ова. Науката, целите и стратегијата не треба да се етнизираат. На граѓаните им е потребна стратегија и преку глава им е од водење на државата ден за ден.
Секоја академија на науки од соседството соработува со својата државата и придонесува кон градење на стратегиите на државата, нашата мора да го добие заслуженото место на почит, но и на одговорност“.
Ами како, мора да има одговорност во МАНУ за предлозите што стасуваат од владата и особено за задачите што им ги задава лично премиерот. Не може да се бават само со наука. Така и им треба кога академиците молчат дека во МАНУ има национална стратегија за економскиот и општествениот развој на Македонија уште од 1997 година изготвена тогаш за наредните 20 години.
Еве, рече театрално Мицкоски, да ја почнам јавно дебатата кон која треба да се насочиме: „Последните 70 години сме на добар пат да исчезнеме како држава. Тоа е една генерација од сега. Зошто никој до сега не ја отворил оваа тема?“
Какво јунаштво уште еден херој изумил како ќе ја спасува Македонија со стратегија иднината да не ни биде судбина. Замислете Мицкоски открил дека последните 70 години сме на добар пат Македонија да исчезне како држава. Ќе го тужам за плагијат, ми ги препишал зборовите само згрешил, бидејќи патот кон исчезнување е покус од последните 70 години. Тој е трасиран од појавата на ВМРО-ДПМНЕ на македонската политичка сцена.
Не ми се верува дека Мицкоски е со толку кусо паметење, или дека е можно никој да не му кажал од неговите дека поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски точно пред три години во септември 2021 година по долга самоизолација се појави пред јавноста на отворањето на свечениот научен собир во МАНУ амбициозно озаглавен како „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941-1991/1991-2021 година“. Црвенковски имаше конкретен предлог и визија за иднината на Македонија. Тогаш вдахновено рече дека мора да се изработи платформа, национална стратегија, со која би се утврдиле насоките по кои државата ќе се движи во иднина, без разлика дали тој пат ќе заврши со членство во Европската унија, или не.
Црвековски ја повика Академијата, Универзитетот „Кирил и Методиј“, Стопанската комора и претседателот Стево Пендаровски да покренат таква иницијатива, да ги подготват документите и да им ги понудат на партиите. Притоа кажа дека би било идеално таа национална стратегија да ја изработат и прифатат сите политичките партии, но предупреди дека не гледа начин, со оглед на нивните релации, тоа да го направат.
И тој заборавил дека во МАНУ постои таква стратегија. А академиците и тогаш одмолчија како што е вообичаено во алејата на бесмртните.
Денот Д на академик Коцарев
И од научната лабораторија на поранешниот претседател на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, излегоа најинтересните научно-фантастични предлози и стратегии за иднината на Македонија. „Треба да се соочиме со реалноста дека е многу мала веројатноста нашата држава да стане рамноправна членка на Европската унија во следните 30 години“, прогнозира академик Коцарев.
Научникот беше многу попрецизен од Мицкоски и Црвенковски. Тој во една инспиративна прилика го одреди точниот датум на исчезнување на сѐ што е македонско, вклучително и исчезнувањето на последниот Македонец. Денот Д кога ќе исчезне последниот Македонец и сѐ што е македонско, Коцарев предвиде дека според гравитациските сили на поништување на идентитетските посебности на Македонците во корелација со „1984“ на Орвел и домашните предавства, Македонија и Македонците ќе ги снема во 2084 година.
Во суштина Коцарев откри дека Орвел згрешил, кога пишувал за „последниот човек на Европа“ во 1984 година, веројатно мислел на Македонците, само сто години подоцна. Може да се претпостави дека Коцарев ова го пишувал како пародија, иако тоа најмалку личи на пародија, бидејќи во истиот текст тој го наведува и точниот датум кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Тука веќе е сосема сериозен и без никаков предзнак на пародија ќе напише: „Македонија ќе влезе во ЕУ 2084 година како ‘делумно рамноправна членка’, а Македонците ќе исчезнат имајќи ги предвид моменталните услови, затоа што речиси е веројатно дека во државата Македонија веќе нема да живеат Македонци, бидејќи ќе бидат целосно истребени.“
Коцарев тоа го дообјаснува и со претпоставката дека „најверојатно претпристапните преговори со ЕУ никогаш нема ни да завршат, па оттука произлегува синтагмата ‘делумно рамноправна членка на ЕУ’, ако се случат уставните промени и Бугарите влезат во Уставот“.
Но стратегијата на Коцарев за Македонија не е статична, таа има пливачки курс, па постојано се менува во зависност од дозирањата во неговата научна лабараторија. Според последните експерименти на академик Коцарев, Македонија ќе стане членка на ЕУ некаде околу 2052 година. Факт што премиерот Мицкоски го заокружи и го скрати за цели две години и ја одреди историската 2050 година, точно на прагот на втората половина на 21 век. Шапо. Симнувам капа на визионерството.
Што содржи непрочитаната Стратегија
Сето тоа што го бара нашиот голем и веројатно последен визионер и многу повеќе од тоа, е напишано рамно пред 27 години. Поточно пишувано и истражувано цели две години. Покрај ангажманот на МАНУ и раководниот тим на Проектот предводен од академик Ксенте Богоев, акад. Никола Узунов, акад. Никола Кљусев и д-р Глигор Бишев, покрај претставници на владата, учествуваат и светски експерти и консултанти на Обединетите нации, десетина познати консултанти на Виенскиот институт за економски компаративни студии, сите набројани со име и презиме. Опфатени се сите поглавја, почнувајќи од општествениот развој, подготвен од академик Евгениј Димитров, кој ги опфаќа системските и институционални промени, стабилноста на политичкиот систем, развојот на демократијата и особено владеењето на правото со опасностите од грубо поткопување на владеењето на правото, вклучувајќи го организираниот криминал и корупцијата, на кои сега инсистира Мицкоски во сите свои јавни обраќања. Исто како што говореа сите досегашни премиери.
Потоа следуваат сите поглавја од човечките ресурси до заштита на човековата околина, образование, здравство, земјоделство, култура, наука, технолошка модернизација, јавен сектор, социјални аспекти на развојот, долгорочна стратегија за работната сила, монетарен и банкарски сектор, надворешните економски односи, енергетика итн.
МАНУ за ова подготвил 26 работни групи по одделни тематски подрачја, релеванти и компетентни експерти за Стратегијата. Во овие тимови се вклучени преку 70 истражувачи од Академијата, од неколку факултети и институти, како и стручњаци од стопанството. Повеќе деловни луѓе и од Стопанската комора. Сите тие подготвиле елаборати за секое подрачје одделно. Потоа, сето тоа повеќепати е разгледувано и усогласувано со Виенскиот институт, за на крајот да се направи темелна ревизија и редакција на сите материјали на оваа стратегија како комплексен документ за економскиот и општествениот развој и модернизација на Македонија за наредните две и пол децении.
Проектот е изработен да служи како национална Стратегија, во вид на насоки за реформите на економската транзиција, за макроекономската и развојна политика на Владата и деловните потфати на компаниите. Проектираниот долгорочен период е до 2020 година. За одбележување е и фактот дека за оваа Стратегија е користена и Стратегијата за економскиот развој на Република Словенија изработена во 1995 година. Примерот на Словенија е земен како компаративно најадекватен за Македонија. Во националната Стратегија за развој до 2020 година е вкалкулирано и приклучувањето на Македонија во ЕУ и како што таму стои „за таа цел внатре во земјата во овој период ќе треба да се достигнат и сите економски, политички, социјални и други предуслови за членство во Унијата“.
И што е постигнато досега од оваа Националона стратегија? Многу малку, речиси ништо. Наместо да се направи сериозна ревизија што е остварено, а што не е од оваа исклучително значајна и сеопфатна Национална стратегија се предлага нова за наредните 25 години да фаќа прав во библиотеката на МАНУ и во премиерските кабинети. Досега ниту една влада, ни една партија, ниту еден премиер ја нема реализирано, а многу веројатно ни прочитано.
Да се види што е остварено, а што не е, и врз основа на тоа да се преземат натамошни чекори. Од 1997 година, кога е објавен проектот, владите на ВМРО-ДПМНЕ се 15 години на власт, а владите на СДСМ 12 години. Доволно време и владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери да спроведат голем дел од она што денес го бара Мицкоски како нова визија и стратегија за идниот развој на Македонија.
Како стојат работите во меѓупартиските односи и поделеноста во земјата, нова стратегија за идниот развој на Македонија се очекува 2050 година со цврст рок за реализација до 2100 година. Што има да брзаме кога потрошивме три-четири генерации чекајќи подобри времиња, можеме да потрошиме уште три четири, односно додека друг не ни ги реши проблемите. Секој обид за компромис и за консензус и за единство ако не е од ем револуционерната, ем демократската партија ВМРО-ДПМНЕ ќе го прогласуваме за предавство на националните интереси.
Ете, тоа се нашите стратегии – тоа што не сме го направиле пред 20 години да го правиме по 50 години, или 100 години.
Додека ние предлагаме напразно на секои 20 години нови и нови стратегии Македонија се претвара во најголемиот пензионерски дом во Европа, со посебни луксузни оддели за политички стратези за нега од деменција.