Странските компании бараат унапредување на деловната клима и олеснување на финансиското работење


Претставници на повеќе од 30 странски компании, кои се членки на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија, одржаа работен состанок во компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ од Кочани на кој се разговараше за креирање економски политики за унапредување на конкурентноста на домашната економија и создавање на цврсти основи на нејзиниот одржлив раст и развој.

На работната средба, присутвуваа и заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, како и претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо.

– Зборувавме за повеќе актуелни прашања и владини политики кои директно влијаат на работата на странските компании во земјава, како и за тоа како да ја засилиме дополнително предвидливоста и атрактивноста на деловното опкружување за нови инвестиции. Владата креира системски решенија за унапредување на деловното опкружување и во оваа насока се подготвуваат измени на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со кои компаниите ќе може да очекуваат стопроцентна исплата на финансиската поддршка, истакна вицепремиерот Битиќи.

Преставниците на странските компании искажаа забелешки поради пролонгирањето и побараа поголема ажурност од надлежните ресори по предложените решенија, а што се однесуваат генерално на подобрување на бизнис климата во државата. Исто така, се дискутираше и за актуелните економски состојби, како и за неодамна донесениот Закон за данок на солидарност за кој Стопанската комора веќе покрена иницијатива за оценување на неговата уставност.

-Важно е Советот да биде активно вклучен во креирањето и следењето на економските политики во државата, што ќе придонесе за предлагање и воведување на нови креативни политики, и соодветно, навремено и оптимално планирање на деловните одлуки на странските инвеститори во земјата, истакна претседателот на Советот на странски инвеститори и генерален директор на КОСТАЛ Македонија, Виктор Мизо.

На состанокот повторно беа потенцирани барањата на странските компании за конзистентно постапување од страна на институциите заради унапредување на деловната клима и олеснување на работењето преку прашањата поврзани со даночната регулатива. Исто така, беше побарано да се намалат трошоците и да се подобри инфраструктурата во ТИР зоните, да се усогласат царинските стапки со оние во ЕУ за дополнителни тарифни броеви на увоз и да се олесни постапката за ангажирање на странски работници.

Меѓу заклучоците од работната средба беше одлуката за формирање заедничка работна група која ќе работи на подготовка и усогласување на законските решенија за технолошките индустриски развојни зони и за индистриските – зелени зони.