Странските инвестиции „пресушија“ поради Ковид -19, но по дождот можеби доаѓа сонце


Кризата поради корона вирусот создаде огромна неизвесност во глобалните текови на капитал

Владите можат да постапат мудро и да воведат краткорочна заштита, но таа не смее да биде предозирана

 

Пред нешто повеќе од една година, „Инвест Чиле“ (InvestChile) – агенција за промовирање на странски директни инвестиции во јужноамериканската земја – им посака добредојде на 300 странски инвеститори од 21 земја во главниот град Сантјаго. На дводневниот настан се одржаа повеќе панели, работилници и над 200 средби меѓу кои и со претседателот на државата, при што беа најавени над 7 милијарди американски долари во потенцијални проекти.

Денес меѓутоа, состојбата е значително променета.

Роудшоуата за странски директни инвестиции во Сантјаго, како и во другите главни градови, се минато. Работата на InvestChile се промени речиси преку ноќ. Поради корона вирусот приоритетите од привлекувањето СДИ сега се пренасочија кон воспоставување одлучен домашен напор да им се помогне на меѓународните компании да обезбедат континуитет во нивното деловно работење во Чиле, со што ќе се придвижува и економијата.

Неистражени води

Ова не е изолиран случај. Во целиот свет, странските инвеститори се движат низ неистражени води. Пандемијата Ковид -19 остава пустош не само поради изгубените животи, туку и поради многу прашања во врска со пост-коронавирусната економија, на пример како ќе се однесуваат глобалните инвестиции откако ќе помине вонредната состојба.

Меѓу сите прашања што се важни во моментов, не треба да се забораваат странските директни инвестиции: тие историски се барометар за здравјето на меѓународните компании и за нивната способност да придонесуваат за глобалниот раст. Со сегашното замрзнување на странските инвестиции, на хоризонтот се појави стравот дека откако ќе се смири здравствената криза ќе се соочиме со длабока економска рецесија.

Но, можно е по дождот да огрее сонце: инвеститорите привлечени од добра вредност, можат да го придвижат економскиот замаец, вложувајќи свеж капитал во еден сектор за да имаат корист од следниот, веднаш штом економиите повторно ќе се отворат. На крајот на краиштата, кризата за некого е и можност и не треба да се отфрли.

Може да биде уште полошо

Но, непосредните вести се лоши. Конференцијата за трговија и развој на Обединетите нации, УНКТАД неодамна ги ревидираше своите предвидувања за ефектите на Ковид -19 врз глобалните текови на СДИ од конзервативната процена за пад од минус 5 до минус 15 проценти, на многу поголема контракција од минус 30 до минус 40 отсто. Дури и без понатамошни надолни ревизии, ваквите загуби се потенцијално подраматични отколку во кое било време во модерната историја.

Референтна точка, се разбира, е финансиската криза од 2007-08 година. Како резултат на неа, нивото на СДИ падна за 37 отсто во 2009 година, на 1,1 билиони американски долари. Денес, на почетокот на пандемијата, вирусот веќе избриша околу 500 милијарди долари странски инвестиции, а веројатно ќе биде уште полошо. Ова не е добро за она што следува.

Да го земеме во предвид вториот индикатор: протекционизмот. Кризата со Ковид – 19 веќе ја искачи на највисока точка една од најжестоките трговски војни уште од времето на царинскиот закон Смоут-Хаули од 1930 година – воведен по Големата депресија – што до 1933 година предизвика намалување на американскиот извоз за 61 отсто. Доколку се земе како индикатор студијата на Универзитетот Сен Гален за масовни нови извозни ограничувања на медицински материјали – кои денес буквално значат животи, кризата ќе доведе до уште повеќе ограничувања.

Посткризните победници рано ќе се отворат кон странските инвестиции

Пазете се од предатори

Од една страна заштитата има совршена смисла: кризата Ковид -19 веќе избриша билиони долари од проценките на компаниите. За една земја како заштитна мерка можеби е во најдобар интерес да постави привремени бариери за инвестирање. Со тоа што компаниите губат многу од нивната вредност, можно е понудите од странство за аквизиции да се реализираат по крајно ниски цени и тоа во клучните индустрии што треба да останат во домашни раце.

Првиот знак за тоа дојде од Австралија, откако земјата најави привремено заострување на условите за влез на странски инвестиции, продолжувајќи го и процесот за разгледување на понудите кој трае помеѓу 30 дена и шест месеци. Целта беше јасна: „Не сакаме предаторско однесување“, изјави министерот Џош Фриденберг.

Додека ваквите мерки имаат смисол на краток рок, предизвикот е тие да не се залепат и откако ќе се смири здравствената криза. Ако глобалната економија беше во „Дилемата на затворениот“ (парадокс од теоријата на игрите при што како пример се наведува ситуација во која две сосема рационални индивидуи не соработуваат дури иако таквата соработка би била во нивен најдобар интерес, заб.), јасниот оптимален исход би бил да се соработува и да се отворат границите што е можно побрзо. Но, исто така е јасно дека „првиот што ќе почнесо укинување на ограничувањата може да го извлече покусиот крај на стапот, доколку таквата иницијална отвореност не се врати реципрочно од другата страна.

 

По дождот доаѓа сонце

Во наредните месеци ќе видиме колку овие мерки и изгледи за деглобализација дополнително влијаат на слободниот проток на странските директни инвестиции, иако она што денес го гледаме во однос на ограничувањата е само врв на ледениот брег. Засега, и додека не го разбереме долгорочното влијание на пандемијата врз странските инвестиции, единствената опција за земјите домаќини, како и за инвеститорите е да продолжат да управуваат со невремето.

Што се однесува до InvestChile, нивната следна конференција за инвеститори ќе се одржи виртуелно, што веројатно ќе биде нова нормала. Иако владите денес треба пред сè да работат со постојните инвеститори за одржување на нивните проекти, „сребрената наметказа Чиле, како и за другите пазари во развој, може да биде рано и брзо придвижување кон привлекување странски инвестиции – со можности, стимулации и спремни агенции за промоција – паралелно со олеснување на ограничувањата.

Во оваа нова нормала, добитници ќе бидат оние влади кои ќе бидат пионери во новите начини да им помогнат на инвеститорите, во свет во кој просперитетот останува да зависи од отворените економски граници. („Светски економски форум“)