Странските директни инвестиции во Србија во првите два месеца на слично ниво како и во претходните години

Според податоци на Народна банка на Србија (НБС) за првите два месеца од оваа година, приливот на странски директни инвестиции е остварен на слично ниво како и во претходните пет години (без лани) – 225 односно 210 милиони евра, јави дописникот на МИА од Белград.
Лани тие цифри биле, како што нагласуваат српски медиуми – шампионски – 604 и 462 милиони евра.
Во 2020 година, за јануари и февруари, износот на инвестициите беше 233 и 271 милиони евра. Следната година, во 2021 година, за истиот период, 266 и 216 милиони евра, во 2022 година, нешто помалку во износ од 199 и 247 милиони евра. Во првите два месеци од 2023 година, 188 и 249 милиони евра.
Во соопштение, НБС тврди дека блокадите и протестите, кои имаа влијание врз намалувањето на потрошувачката и инвестициите на домашниот пазар, се причина за помалиот раст од 2 проценти во првиот квартал од оваа година. Централната банка не објави колку раст очекува за тој квартал.
И „Фич рејтингс“ и „Стандард енд Пурс“, во своите извештаи за економската активност на Србија, ги ставија локалните студентски протести на дното од листата на негативни влијанија врз економијата. Странските банки што работат во Србија реагираа слично, а ММФ, Светската банка и Виенскиот институт веќе ги намалија своите очекувања кога станува збор за растот на економијата на Србија. Поголемиот дел од банките, агенциите и финансиските институции ги наведоа геополитичките превирања во форма на трговски војни како прва и главна причина, како и слабеењето на економијата во Европа.
Српските власти не се откажуваат од оптимизмот и надежта дека БДП ќе порасне за 4,2 проценти оваа година, а НБС гледа шанса во добра земјоделска сезона, како и на страната на понудата, а пред се во планираното забрзување на производството во автомобилската индустрија, потоа активирањето на нови капацитети во енергетскиот сектор, како и имплементацијата на инфраструктурните проекти предвидени во програмата „Србија Експо 2027“.
Очекувањата за раст на БДП на Србија на ММФ се намалени на 3,463 проценти, на Светска банка 3,5 проценти и Виенскиот институт на 3 проценти.