Странските директни инвестиции годинава околу 3,6 отсто од БДП, проценува Народна банка

Народната банка е внимателна во проекциите кога се работи за странските директни инвестиции па засега, за оваа година, предвидува нивното ниво да изнесува околу 3,6 проценти од БДП. На среден рок, според проекциите, овие инвестиции би достигнале околу четири отсто.
Како што истакна денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, засега остварувањата се добри, но, сепак, треба да се следат и да се види која би била патеката во периодот што следи.
-Странските директни инвестиции по значајното забавување во пандемиската 2020 година, кога се сведоа на ниво од околу 1,3 отсто од БДП, покажаа значително опоравување, особено во 2022-ра и 2023-та кога во просек изнесуваа 4,4 проценти од БДП. За оваа година сме поумерени и попретпазливи во проекциите и овие поволни остварувања кои беа евидентни во изминатите две години не ги вградуваме во целост. Нашата проекција за оваа година е околу 3,6 проценти со патека која значи дека на среден рок би достигнале ниво од околу 4 отсто, рече Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на најновите макроекономски проекции.