Страницата на ДИК под сајбер-напад, исто и time.mk и неколку медиуми


Софтверот на Државната изборна комисија (ДИК) е цел на хакерски напад од надвор и тоа е причината поради која сѐ уште не може да ги објават резултатите од денешното гласање за предвремените парламентарни избори.

Како што појасни претседателот на ДИК, Оливер-Деркоски, на прес-конференција, во ДИК ги добиваат резултатите, но не можат да ги направат достапни за јавноста. Затоа одлучија, во меѓувреме да ги објавуваат на нивниот јутјуб канал.

Во идентичен период, во времето кога требаше да се објават конечната излезност на парламентарните избори и првичните резултати, истовремено падна сајтот на ДИК на кој се објавуваат изборните резултати, додека најчитаниот агрегатор на вести во земјава time.mk е под сајбер напад. Ниту новинарите, ниту граѓаните можат навремено да се информираат за првичните изборни резултати, пишува Мета.

Кратко пред да падне агрегаторот на вести time.mk, тој директно ги прикажуваше изборните резултати од веб-страницата на ДИК.

Игор Трајковски, сопственикот на time.mk на неговиот Твитер профил пред околу половина час објави дека овој агрегатор на вести е под DDOS напад.

„Досега cloudflare блокираше 3М ip адреси. Уште нови се појавуваат. Ваков DDOS до сега не сме имале. Некој фрлил многу пари да го прави ова“, објаснува во еден од своите твитови Игор Трајковски.

Покрај ова, во моментов не се достапни уште неколку веб-страници на домашни медиуми, меѓу кои веб-страницата на Тв Телма, и порталот е-магазин.