Странец со 26,5 милиони евра е најголем штедач во Црна Гора, 23 лица имаат заштеди над милион евра


Најбогатиот штедач во Црна Гора е нерезидент, а вложил 26,5 милиони евра.

Кога станува збор за жителите на Црна Гора, најголемиот орочен депозит изнесува 23,6 милиони евра – изјавија за Банкар од Централната банка на Црна Гора, на прашањето за најголемите депозити на крајот на 2023 година.

На прашањето колку физички лица имало на крајот на 2023 година со орочени депозити над милион евра, од ЦБЦГ одговорија дека според последните достапни податоци за 50-те најголеми штедачи, кои банките ги доставиле до Централната банка на Црна Гора , на 31 декември 2023 година орочен депозит во износ од милион и повеќе евра имаат 23 физички лица.

На прашањето за причините за растот на депозитите во 2023 година, ЦБЦГ велат дека растот на депозитите во текот на изминатата година главно е последица на остварениот силен реален раст во 2023 година од околу 6%.

Клучна улога во акумулацијата на економскиот раст, а со тоа и на растот на депозитите, одигра многу успешната туристичка сезона, односно приливот од над 1,5 милијарди евра, како и активностите поврзани со овој сектор.

Во 2023 година има прилив на дознаки од странство во износ од 792 милиони евра. Исто така, на растот на депозитите влијаеше дополнителното штедење на нерезидентите со подолг престој во Црна Гора. Во оваа година има и прилив на странски директни инвестиции по основ на продажба на недвижен имот во Црна Гора во износ од 463 милиони евра – информираат од ЦБЦГ за Банкар.

Централната банка наведува и дека сите наведени приливи претставуваат основа на растот на вкупните депозити и генерално имаат стабилен тренд.

„Имајќи ги предвид перспективите на црногорската економија и очекувањата за позитивен реален раст, како и интензивирањето на интеграцијата во ЕУ, Централната банка очекува продолжување на трендот на раст на депозитите со умерен интензитет во наредниот период“, посочуваат од ЦБЦГ. (Банкар.ме)