Стотина градобијни ракети беа немоќни при невремето во Пелагонија


Јадрото на градоносните облаци било многу високо, од 8 до 12 километри, па затоа и големината на градот била како пинг-понг топче

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Стотина испукани градобијни ракети се покажаа како немоќни да го ублажат завчерашното невреме во Пелагонија и Кичевско. За неполн час вчера биле употребени 49 ракети врз градоносните облаци во Пелагонија и 34 во Битолско-Демирхисарскиот регион, но градот кој паѓаше со големина на пинг-понг топче предизвика штета во одредени села и атари во Пелагонија.

Од УХМР велат дека формирањето на облаците се следи на радар и се дејствува во рана фаза, но, понекогаш градоносните облаци се формираат со исклучително голема брзина, а вчерашните биле со многу високи параметри, па затоа биле тешко да се спречи појавата на град.

„Полето во селата во Пелагонија плива во вода, отиде пиперот и тутунот, бостанот и пченицата, штетите се големи“, се жалат земјоделци од Бела Црква и Ношпал во општина Могила.

Од здружението „Тутунска надеж“ денеска побараа од Владата еднократна парична помош за сите земјоделци погодени од невремето и посочија да се испита дали има улога човечки фактор за неинтервенирање на време. 

„Општински комисии да ги утврдат штетите, но и да се побара евентуална одговорност дали затаил човечкиот фактор, па е направен пропуст при следењето на градобијните облаци“, велат од здружението.

Заштитата од град на било кој начин не е повисока од 60 до 70 проценти.

„Вчера централниот дел од Пелагониската котлина беше зафатена од јака нестабилна воздушна маса која  брзо се формираше во планинскиот предел западно од Пелагонија, Управата за хидрометеоролошки работи преку радарските центри Тополчани и Ѓуриште во соработка со АЕРОКЛУБ Скоје дејствуваше во перодот од 15:45 до 16:43 часот  со 49 палки врз градоносните облаци кои имаа екстремно високи параметри (за споредба: обично јадрото на градоносните облаци се наоѓа на висина од 3 до 6 километри, на овие облаци јадрото беше помеѓу 8 и 12 километри висина) и според тоа имаше услови за појава на крупни зрна град. Со дејство врз вакви повеќеќелиски градоносни облаци со екстремно високи параметри невозможно е да се спречи појавата на град, само може да се намали интензитетот и да не се дозволи да се прошири на поширок регион. Во Кичевскиот регион беше дејствувано врз градоносни облаци во периодот од 17:57 до 18:14 часот со 16 палки и во периодот од 18:52 до 19:20 часот  се изврши авионско засејување на градоносни облаци во Битолско-Демирхисарскиот регион со 34 палки. Се дејствуваше со вкупно 99 палки“, стои во извештајот од УХМР.

Засега не се пријавени штети во општините во Пелагонија велат од Центарот за управување со кризи.

„Контактирано е со локалните самоуправи на Демир Хисар, Битола, Новаци и Могила, каде е забележана појава на град, но од таму нема пријавено штети од граѓани. Во општина Демир Хисар најинтензивни врнежи и град имало во селата Слепче, Стругово, Жван и Доленци, додека во Општина Могила во селата Градешница, Мусинци, Ношпал и Алинци“, известуваат од РЦУК Битола.

Во јуни годинава употребени се вкупно 1254 ракети за разбивање на градоносни облаци, а лани во текот на цела година се дејствувало со 1083 палки. Лани во јуни биле испукани 487 ракети. Од УХМР велат дека палките и реагенсот се идентични како и оние кои се користеле во 2020 година за засејување на градоносните облаци.