(Видео) Стотици верници на собир во Струга, без заштитни маски и држење растојание


Масовен верски собир што се одржа денес во Струга на кој многумина од присутните беа без маски и без држење растојание, како што предвидуваат мерките што се во сила, предизвика бројни реакции во јавноста.

Станува збор за традиционален верски собир – литија со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона збогатена и со неговите чесни мошти од неговиот манастир во Рајчица, како и Чудотворната икона на Пресвета Богородица – Крнинска и на Христос Архиереј од Манастирот Пречиста Кичевска.

Од снимките кои ги објавија телевизиите се гледа дека поворката на струшките улици ја обезбедуваше и полиција.

Оваа церемонија ја следат голем број верници, но иако годинава ги имаше помалку до споредба со претходните години, на верската манифестација сепак не изостана масовноста. Дел од присутните ја следеа поворката од тротоарите. Стружани велат дека овие денови за нив се посебени и дека се придржувале на препораките.

Литијата беше најавена на 4 мај на официјалната страна на Бигорскиот манастир. Тогаш беше наведено дека годинава поради пандемијата со корона вирусот ќе учествуваат само свештени лица. Сепак, тоа не беше испочитувано.

Инаку, во најавата стои дека поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на верниот народ, како и дека локалното население ќе може да ја проследи само од тротоарите на улиците каде што таа ќе минува, држејќи го препорачаното растојание.

Традиционалната ктиторска Вечерна со панихида за покојните ктитори и градители, во струшкиот храм на Свети Георгиј Победоносец, ја одржа Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Инаку, според владината уредба забрането е собирање на повеќе од пет лица на едно место.

https://www.facebook.com/BigorskiMonastery/videos/272019157261443/?t=0