Стотици садови за отпад две години стојат во „Комунална хигиена“, преголеми се за скопските улици


Уште во октомври 2019 година Градот Скопје на комуналното претпријатие во главниот град му донираше садови за отпад со поголема зафатнина со цел да се реши проблемот со оптадот, но бидејќи повеќето локации каде треба да се постават се направени за помали садови, тие две години стојат во дворот на „Комунална хигиена„.

– Во октомври 2019 година, Градот Скопје му донираше на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје 540 контејнери за одлагање мешан комунален отпад со зафатнина од 3,2 м3, како и 30 садови за селекција на отпадот (донација преку ПАКОМАК), од коишто 15 садови се наменети за пет-амбалажа, а 15 садови за одлагање хартија, картон итн. Во текот на 2019 и 2020 година, претпријатието ги поставуваше новите контејнери со зафатнина од 3,2 м3, при што се појави потреба од прилагодување и адаптација од урбанистички аспект на постоечките локации коишто дотогаш беа наменети за старите садови со зафатнина од 1,1м3, со крајна цел – поставените садови да не претставуваат пречка во одвивањето на сообраќајот, да не ја намалуваат видливоста и да не го попречуваат движењето на велосипедистите и пешаците – велат од „Комунална хигиена“ за „Независен весник“.

Сепак, оттаму најавуваат дека во текот на февруари 2021 година ќе се заврши поставувањето на овие садови во општините Кисела Вода, Гази Баба и Чаир.

По завршувањето на поставувањето на контејнерите со зафатнина од 3,2м3, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во координација со Градот Скопје, ќе започне со поставување на споменатите 30 садови наменети за селекција на отпадот.

Во повеќе урбани општини во Скопје, забележлив е малиот број садови за селекција на отпад. Освен по некој за собирање стаклена амбалажа, инцидентно некој за пластика, кој сепак се користи за секаков отпад, одамна не се забележливи и оние за селектирање хартија.

Мали корпи за селекција на отпадот забележливи се во сите поголеми, затоврени шопинг-центри во Скопје, како и во некои од поголемите маркети, каде, за чудо, може да се нјадат и садови за собирање стари батерии. Но, и во нив, забележливо е дека се фрлаат и други отпадоци.

Од „Пакомак“ за „Независен весник“ велат дека одговор на прашањето зошто нема контејнери за селекција на улица, треба да се бара кај градската администрација и „Комунална хигиена“.

– „Пакомак“ уште во септември 2019 на Град Скопје му донираше 30 големи модерни контејнери од 2м3 за селекција на пластика/лименки и хартија. Тие се контејнери од ист тип како новите и беа купени по сугестија од Градот, како стратегија дека во таков тип контејнери ќе се шири понатаму селекцијата на отпадот меѓу граѓаните. За жал, тие контејнери се уште не се поставени и се на плацот на „Комунална хигиена“, иако неколку пати реагиравме до Градот – велат од „Пакомак“.

Појаснуваат дека тоа се контејнери наменети токму за широки улици какви што има во повеќето општини и населби во Скопје.

Веруваат дека со помош на совесни граѓани и медиумска поддршка, може да се стигне до критична маса (над 50%) совесни граѓани кои ќе влијаат на голем позитивен исчекор во управувањето со отпадот.

Секако, признаваат, инфраструктура за селекција е предуслов и „Пакомак“ се труди максимално согласно ресурсите кои ги има, но потребна им е и поддршка од општините и државните институции.(Б.Б)